Хамас повикува на поголем меѓународен притисок врз Израел пред да премине на следната фаза од примирјето
- Палестинското движење Хамас денеска повика на поголем меѓународен притисок врз Израел пред групата да продолжи со следната фаза од прекинот на огнот во Газа.
Ерусалим, 9 декември 2025 (МИА) - Палестинското движење Хамас денеска повика на поголем меѓународен притисок врз Израел пред групата да продолжи со следната фаза од прекинот на огнот во Газа.
Член на политичкото крило на Хамас, Хусам Бадран, изјави дека сака Израел да отвори клучен граничен премин, да ги запре смртоносните напади и да дозволи поголема помош во Појасот Газа, кој е опустошен од двегодишна војна.
Барањето дојде откако израелската влада соопшти дека е подготвена да премине на следната и покомплицирана фаза од договорот за прекин на огнот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, додека Хамас беше повикан да ги врати останките од последниот израелски заложник држен во Газа, како што е предвидено во договорот.
Бадран повика на „целосно спроведување на сите услови од првата фаза“ пред да се продолжи, вклучително и прекин на она што тој го нарече континуирано уривање на палестинските домови на поголемиот дел од територијата што сè уште ја контролира Израел.
Израелските напади во Појасот Газа убија најмалку 376 Палестинци откако прекинот на огнот стапи на сила на 10 октомври, според палестинските здравствени претставници. мс/
фото: ЕПА архива