Хамас: Израел ја блокира испораката на помош во Газа, што може да влијае на ослободувањето на заложниците
- Извори на Хамас денеска потврдија дека Израел го блокира влезот на помош во Појасот Газа, предупредувајќи дека тоа може да влијае на ослободувањето на заложниците предвидено со договорот за прекин на огнот.

Каиро, 29 јануари 2025 (МИА) - Извори на Хамас денеска потврдија дека Израел го блокира влезот на помош во Појасот Газа, предупредувајќи дека тоа може да влијае на ослободувањето на заложниците предвидено со договорот за прекин на огнот.
-Предупредуваме дека постојаното одложување и непочитувањето на овие точки ќе влијае на спроведувањето на договорот, вклучително и размената на затвореници, рече претставник на Хамас.
Друг официјален претставник, исто така, прецизираше дека палестинското движење побарало интервенција на катарските и египетските посредници за „да ги принудат окупаторите да се придржуваат до договорот и да избегнат создавање кризи“.
Доцнењето се однесува на дозволите за влез на гориво, шатори, камп приколки, тешка механизација, болничка опрема, пекари и станици за вода, рече првиот функционер. Тој додаде дека постои незадоволство кај „групите на отпорот“ поради одолговлекувањето на Израел, кој го нарекува окупатор.
По 15 месеци војна во Појасот Газа, Израел и Хамас потпишаа договор за прекин на огнот, чија прва фаза стапи на сила на 19 јануари и треба да трае 42 дена.
Според договорот, оваа недела треба да бидат ослободени шест заложници, тројца в четврток и тројца в сабота. Седум жени веќе се ослободени во замена за 290 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори. мс/
фото: МИА архива