• сабота, 22 февруари 2025

Франција и Шпанија се против на предлогот на Трамп, САД да ја контролираат Газа и да ги раселат локалните жители

Франција и Шпанија се против на предлогот на Трамп, САД да ја контролираат Газа и да ги раселат локалните жители

Париз, 5 февруари 2025 (МИА) - Франција и Шпанија објавија денеска дека се против предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа и жителите на палестинските територии да ги преселат на друго место.

„Франција е против секаков вид на присилно раселување на палестинското население од Газа - ова не само што е сериозно кршење на меѓународното право и удар врз легитимните амбиции на Палестинците, но е и голема пречка за решението за две држави, и претставува дестабилизирачки фактор за нашите блиски партнери во Египет и Јордан, и за целиот регион, изјави портпаролот на фрнацуското Министерство за надворешни работи Кристоф Лемоан.

Тој додаде дека иднината на Газа мора да се решава во контекст на идната палестинска држава и не треба да ја одредува трета страна.

Против предлогот на Трамп се изјасни и шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

„Сакам да бидам многу јасен за ова прашање: Газа е земја на Палестинците и тие мора да останат во Газа“, им рече тој на новинарите.

„Газа е дел од идната палестинска држава која Шпанија ја поддржува и таа мора да постои паралелно со израелската, како и да го гарантира просперитетот и безбедноста на Израел“, додаде Албарес.

Трамп го претстави својот план, без да даде детали, на прес-конференција по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Неговата шокантна изјава наиде на критики од регионалните сили како Саудиска Арабија и Турција, како и од палестинските организации.

Кина исто така се изјасни против раселувањето на Палестинците, а Русија соопшти дека го поддржува постоењето на две одделни независни држави. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан