Формиран Меѓуопштински одбор за управување со отпад за југозападниот и пелагонискиот регион
- Во организација на SALAR International, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање денеска четиринаесет градоначалници го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за југозападниот и пелагонискиот регион, соработка која, според министерот за локална самоуправа Златко Перински, се воспоставува заради заедничко вршење на работи од надлежност на општините и остварување на заеднички интереси и цели.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) – Во организација на SALAR International, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање денеска четиринаесет градоначалници го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за југозападниот и пелагонискиот регион, соработка која, според министерот за локална самоуправа Златко Перински, се воспоставува заради заедничко вршење на работи од надлежност на општините и остварување на заеднички интереси и цели.
Перински нагласи дека меѓуопштинската соработка е реална потреба која произлегува од барањата на самите општини и претставува основа за подобрување на јавните услуги и заштита на животната средина.
-Една од клучните цели на ресурсниот центар што го поставивме е да ја поттикнеме и задржиме оваа соработка. Новоформираното тело не е само формална структура, туку механизам за заедничко делување, организирање и носење одлуки, потенцира Перински, честитајќи им на двата региони – Југозападен и Пелагониски, за чекорот кон почисти општини и похуман однос кон животната средина.
Министерот оцени дека формирањето на МОУО е стратешки чекор напред и темел за развој на целосно функционален регионален систем за управување со отпад, кој ќе донесе подобри резултати за општините и граѓаните.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, истакна дека проектот за управување со отпад е еден од капиталните проекти на Владата и дека започнува нова фаза на реализација.
-Во изминатата година заедно со градоначалниците и со нашите соработници постигнавме многу. Сега започнуваме со нов проект, навистина имаме многу предизвици. Можеби локалните избори донесоа одредени промени, но сметам дека сега е вистинскиот момент да продолжиме, нагласи Лашкоска.
Таа информираше дека за кратко време општините постепено ќе ги добијат потребните возила и ресурси за функционирање.
-Ајде да бидеме генерацијата која ќе ја направи оваа промена во државата и ќе започне да го решава проблемот со отпадот. Ако во овој регион имаме успешна приказна, тоа ќе се преслика на целата територија на државата, заклучи заменик-министерката.
Според Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС оваа меѓуопштинска соработка треба се спроведе на начин како што треба да фунционира управувањето со отпадот, а со цел да се спречи загадувањето на воздухот, водата и почвата.
-Да обезбедиме дека горењето на отпадот ќе престане, а луѓето ќе живеат во чиста средина и ќе пијат чиста вода, истакна Перишиќ.
Програмскиот директор на SALAR International, Лена Фалкон, потенцира дека формирањето на одборот значи воспоставување на одржлив систем за управување со отпад, усогласен со европските стандарди.
-Целта е да се подобри животот на граѓаните и услугите што општините ги обезбедуваат, да добиеме почиста животна средина и да се реши проблемот со незаконските депонии. За да се постигнат овие резултати, мора да се воспостави регионален систем за управување со отпад, истакна Фалкон.
Договорот за воспоставување на МОУО го потпишаа градоначалниците на Новаци, Битола, Прилеп, Кичево, Охрид, Пласница, Струга, Крушево, Могила, Кривогаштани, Вевчани, Демир Хисар, Македонски Брод и Долнени. бк/са/
Фото: МИА