• сабота, 21 февруари 2026

Фатах ал-Сиси предупреди дека раселувањето на Палестинците би предизвикало мигрантски бран кон Европа

Фатах ал-Сиси предупреди дека раселувањето на Палестинците би предизвикало мигрантски бран кон Европа

Каиро, 25 јануари 2026 (МИА) - Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси предупреди дека присилното раселување на повеќе од два милиони Палестинци од Појасот Газа би довело до пристигнување на стотици илјади нелегални мигранти во Европа, објавија локалните медиуми.

Во говорот по повод Денот на полицијата, Ал-Сиси рече дека и покрај договорот за прекин на огнот, Израел продолжува со кампањата на „системско насилство врз Палестинците во нивните окупирани земји“, што „категорично се отфрла од Египет“.

„Предупредувам дека раселувањето на речиси два и пол милиони Палестинци од Појасот Газа, што би значело ликвидација на палестинската кауза, неизбежно би довело стотици илјади во Европа и западните земји, со сериозни последици за безбедноста, економијата и социјални последици, што ниту една земја не може да си ги дозволи“, рече египетскиот претседател.

Тој ја нагласи потребата од континуиран пристап до хуманитарна помош во Газа и целосно спроведување на втората фаза од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското радикално движење Хамас.

Египет го дефинира како „црвена линија“ раселувањето на Палестинците од нивните земји, дури и во форма на привремено преселување.

Покрај тоа, Каиро бара поддршка за своите напори за справување со нелегалните мигранти и нивниот премин во Европа. Според најновите податоци, земјата дава засолниште на над девет милиони странски државјани поради регионалните кризи. Најголем дел меѓу нив се државјани на Судан, Сирија, Јемен и Либија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан