• петок, 05 декември 2025

Утре продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026

Утре продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026

Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - И попладнево продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026 на собраниската Комисија за финансирање и буџет. На седницата беа разгледани и одбиени сите седум амандмани поднесени од СДСМ, Европскиот фронт и пратеникот на Левица Сашко Јанчев. Амандманската расправа, како што најави потпретседателката на Комисијата Јованка Тренчевска, ќе продолжи утре во 13 часот.

Поднесените амандмани од СДСМ се однесуваа на обезбедување средства за формирање на одделение за климатски промени, за субвенции за фирми кои инвестираат во алтернативни извори на енергија и средства во вредност од 150 милиони денари за субвенционирање на фирмите што инвестираат во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и дигитална трансформација, намалување на енергетската независност, зголемување на продуктивноста, иновативноста на домашниот приватен сектор во исполнување на обврските на Националната стратегија за енергетика, иновациска стратегија и зелената агенда на Западен Балкан.

 Амандманите од Европскиот фронт се однесуваа на обезбедување средства за имплементација на проектот за собирање и прочистување на отпадни води во село Горно и Средно  Јаболчиште и село Дреново во Општина Чашка и за изградба на систем за прочистување и собирање на отпадни води во село Бањица во Општина Чашка.

Додека, пак, двата амандмани поднесени од пратеникот на Левица Сашко Јанчев се однесуваа на обезбедување средства за изработка на студија за валоризација на планината Огражден и за изработка на студија на планината Кожув.

Според Пренџов, ДУИ „продава“ лажен патриотизам, а обидот за какво било влошување на меѓуетничките односи не само што не е добро за никого, туку и нема да и го врати изгубениот рејтинг на пар

Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека суштината на барањето за обезбедување средства за субвенционирање на фирмите што инвестираат во енергетска ефикасност е тие пари да им се доделат на членови на семејствата на Зоран Заев, Али Ахмети и Венко Филипче.

-Дајте вие пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и од ВЛЕН, дајте 150 милиони денари., тоа да го изгласате. Ние овде ќе ви напишеме нешто апстрактно за да не разберете, ама суштината која е? Суштината е на братот на Зоран Заев, внукот на Али Ахмети, синот на Зоран Заев и братот на Венко Филипче, да си ги поделат по скромни за нив 700-800 илјади евра. Повторувам уште еднаш „Пишувај стручно, направи една реченица пет реда, ништо не те разбираат, да се полакомат дека ќе прават зелена енергија, пиши го зборот на фирмите да им се даде“. А кои се тие фирми? Братот на Венко Филипче, внукот на Али Ахмети, братот и синот на Зоран Заев. Во оваа држава со овој буџет, со претходниот буџет и со сите следни буџети додека сме ние на власт, ќе има правична и праведна распределба на народните пари, рече Пренџов.

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи нагласи дека демократско право на секоја пратеничка група и пратеник е да поднесе амандмани и да бара средства од буџетот за одередени проекти. 

-Искрено колега Пренџов, не знам во кој филм сте. Вие сте на власт. Како може да добие некој, кога вие сте на власт. Ние даваме буџет, бараме амандман за буџет, демократско право на секој пратеник и секоја пратеничка група е да побара. Вие кажувате дали се прифаќа или не се прифаќа. Јас не разбирам како ние ќе сме дале. Вие можете да дадете на зетовците, на балдските, на баџанаците. Абе ниту балдска, ниту банаџак аир не виделе од мене. Ниту сопругата. Јас ви кажав – немојте надвор да излезете, оти ќе ве снајде како тој другиот. Ние сме овде да ви укажеме. Тоа е нашата улога. Ние не правиме никаков филм, рече Битиќи.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во процедурално обраќање побара пратеникот Битиќи, кој упати закана кон пратеничките Ели Панова и Дафина Стојаноска со зборовите „немојте надвор да излезете, оти ќе ве снајде како тој другиот“, да каже како, кого и што ќе ги снајде нив.

-Почитувана потпретседателке ќе се замолам член 97, тука беше искажана една доколку не расчистиме закана упатена кон моите две колешки Ели Панова и Дафина Стојаноска. Пратеникот кој што зборуваше пред мене, кажа следново „да не ве снајде како што го снајде тој“. Ве молам да се каже кој и што го снашол? Не е во ред. Разбирам дека некого да го фатат емоции во дебатата, вакви работи се под секое ниво. Да излезе колегата или некој друг и да каже на кого ќе му се случи ако излезе од тука, како, кого? Тоа беше упатено кон моите две колешки. Да се каже како кого ќе го снајде и што ќе го снајде? Со име и презиме. Да не се служиме како трикови. Ова е многу сериозна закана упатена кон колешки. Не смеат вакви закани да се упатуваат кон наши колеги, а посебно кон две дами со никаков однос тоа не го заслужија, рече Стојаноски.

null

Битиќи истакна дека во неговиот говор немало никаква закана кон никого. Потенцира дека и кога другите биле во позиција за омаловажуваат пратенички, тој излегол да ги брани.

-Овде немаше закана кон никого. А впрочем, јас сум покажал во мојот живот и пратеничкиот живот дека особено кон жените колешки пратенички имам обѕир. И кога вие сте во позиција нив да ги омаловажувате, сум излегол за да ги бранам и ќе продолжам тоа да го правам. Не знам од комисиската расправа има стенограм и ќе побараме стенограм. Прво, никој не спомна име на некого, освен некој што кажа вашата жена, т.е. мојата сопруга. Јас не кажав. Има еден дотичен човек кој е надвор од Собранието за кој не сакам да зборува, кој што прв имаше клевета кон мене, па требаше да се обрати со јавно извинување за да не завршиме на суд. И тоа е постапката. Јас сум институционален човек. Ако некој клевети и за тоа има имунитет, јас не можам да отидам на суд. Човекот кој имаше клевета кон мене, јас побарав јавно да се извини, се премолчи, се извини на начин кој за мене беше прифатлив и не завршивме на суд и толку. За мене, јавното извинување е сосема доволно. Јас сум човек кој што има доблест во се што прави. Но, кога некој ќе задева во моето приватно, во семејството, сум овде за да го заштитам семејството. Немаше име и презиме и јас знам што сум кажал. Немаше име и презиме кон никого. Јас кажав човекот. Кога ќе кажам име и презиме и ќе кажам што, можете да зборувате било што, рече Битиќи.

Освен за поднесените амандмани, и попладнево дебатата се фокусираше и на поведената постапка на Уставниот суд за линеарното зголемување на пензиите по што дојде до меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.

За Предлог-буџетот се поднесени околу 200 амандмани. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Државата планира 374,7 милијарди денари вкупни приходи, 413,9 милијарди денари вкупни расходи, како и 40,5 милијарди денари капитални инвестиции. фф/вј/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан