• петок, 15 мај 2026

Усвоени годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација и на Агенцијата за заштита на личните податоци

Усвоени годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација и на Агенцијата за заштита на личните податоци

Скопје, 12 мај 2026 (МИА) - Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги усвои годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација и на Агенцијата за заштита на личните податоци во 2025 година.

Презентирајќи го годишниот извештај за работата на Агенцијата за администрација за 2025 година, директорката Љубица Караманди Попчевски истакна дека Агенцијата во текот на минатата година ги оствари своите надлежности во насока на обезбедување на професионална, транспарентна и ефикасна јавна администрација.

- Во 2025 година беа објавени 1.227 јавни огласи, Агенцијата постапуваше по околу 800 жалби и приговори на админстративни службеници, но без доволна кадровска исполнетост, ограничен буџет и технички ограничувања кои не се доволни за ефикасно, најдобро и најефикасно функционирање на Агенцијата. Посебно сакам да истакнам дека Агенцијата во моментов има сериозно застарена ИКТ опрема, а законот за административни службеници предвидува исклучиво спроведување на постапката за селекција преку електронски пат. Алтернатива од таквиот начин на спроведување на испитите во моментов нема, а тоа значи дека кога ИКТ опремата ќе откаже, тогаш постапките за вработување ќе бидат ставени во мирување. Сакам да заклучам дека неопходно потребна е обука на вработените на институциите во јавниот сектор за спроведување на постапки за вработување бидејќи за жал поголем дел, односно 80 отсто од барањата за јавни огласи се со недостатоци. Обука е потребна и за спроведување на дисциплинските постапки, рече меѓудругото Караманди Попчевски.

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го усвои и годишниот извештај за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2025 година, кој пред пратениците го образложи Елена Велјановска, заменик директорка на Агенцијата за заштита на личните податоци.

-Минатата година почна имплементација на Стратегија за спроведување на правото за заштита на личните податоци 2025-2030, како важен чекор кон потанамошно усогласување на Агенцијата со европските стандарди. Денес, Агенцијата се соочува со сериозни предизвици пред се во делот на човечките и финансиските ресурси. Во 2025 година институцијата функционираше со само 17 вработени лица и тоа претставува околу 30 проценти пополнетост од систематизираните работни места и директно влијае врз нејзиниот капацитет за работа. И, покрај ограничените ресусри, Агенцијата продолжи активно да соработува со домашни институции, меѓународни организации и надзорни органи од регионот и Европа, а со цел унапредување на системот за заштита на личните податоци и следење на европските практики и стандарди. Во услови на брза дигитализација и се поголема обработка на лични податоци, потребата од силни институции и ефикасна заштита на приватноста останува уште позначајна, истакна Велјановска и додаде дека потребно е континуирана јакнење на институционалните капацитети, поддршка на институцијата и унапредување на јавната свест за да се обезбеди повисоко ниво на заштита на личните податоци на сите граѓани.

Извештаите за работа на Агенцијата за администрација и на Агенцијата за заштита на личните податоци во 2025 година, ја продолжуваат собраниската процедура, беше нагласено на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.мт/вј/

Фото: принтскрин

Остани поврзан