• петок, 21 февруари 2025

УНХЦР одржа итен состанок за насилството во источно Конго

УНХЦР одржа итен состанок за насилството во источно Конго

Женева, 7 февруари 2025 (МИА) - Советот за човекови права на ОН (УНХЦР) денеска одржа итна седница за насилството во источно Конго, каде бунтовниците М23 поддржани од Руанда неодамна го зазедоа клучниот град Гома и каде што најмалку 3.000 луѓе се убиени од крајот на јануари.

Специјалната седница на УНХЦР ја свика Конго со поддршка на десетици земји. Владата во Киншаса го повика телото да ги прогласи Руанда и бунтовниците М23, кои ја презедоа Гома, одговорни за злосторства против човештвото и да формира мисија за утврдување факти за да ги истражи сите можни прекршувања на правата во областа.

Експертите на ОН велат дека бунтовниците М23, најмоќните од повеќе од 100 вооружени групи во источно Конго, се поддржани од околу 4.000 војници од соседна Руанда. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика бунтовниците да го положат оружјето и да се согласат на посредување.

Волкер Турк, шефот за човекови права на ОН, рече дека околу 3.000 луѓе се убиени, а речиси 2.900 се ранети во насилството од јануари. Тој рече дека вистинските бројки се „веројатно многу поголеми“.

-Ако ништо не се преземе, тогаш најлошото допрва може да дојде за луѓето од источно Конго, но и за луѓето кои живеат надвор од границите на земјата, рече Турк.

Патрик Мујаја Катембве, министер за комуникации на Конго, го повика УНХЦР да ја смета Руанда одговорна за воени злосторства и злосторства против човештвото за присилното раселување со цел дефинитивно да ја окупира територијата.

Амбасадорот Џејмс Нганго, постојан претставник на Руанда во ОН во Женева, рече дека членовите на вооружената група која учествуваше во геноцидот во Руанда во 1994 година побегнале во Конго, „каде што сега претставуваат егзистенцијална закана за нашата безбедност“ и ја шират „својата геноцидна идеологија“.

По изјавите на дипломатите, Советот ќе го разгледа нацрт-текстот презентиран од Конго, кој, меѓу другото, ќе создаде независна мисија за утврдување на фактите за кршењето и злоупотребата на човековите права во регионот.

Областа опфатена со конфликти во источно Конго има огромни наоѓалишта на минерали кои се клучни за производството на голем дел од светската технологија, вклучително и мобилните телефони.

Бунтовниците во четвртокот се обидоа да ги уверат жителите, одржувајќи митинг на стадионот и ветувајќи безбедност под нивно владеење додека се обидуваат да ја зајакнат јавната поддршка поради зголемениот меѓународен притисок. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан