Универзитетот во Штип ќе биде домаќин на престижна летна школа за млади научници и истражувачи од Западен Балкан
- Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на престижна летна школа за млади научници и истражувачи од Западен Балкан, што се организира под покровителство на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Можноста произлезе од стратешкото партнерство на македонското Министерство за образование и наука и овој референтен центар за наука и истражување на ЕУ, што резултираше по потпишувањето на рамковниот договор за соработка минатата година. Школата ќе се одржи од 14 до 18 септември под мотото „Наука од европски ранг за заштита на животната средина“, а може да учествуваат млади научници и студенти од земјава.
Скопје, 15 мај 2026 (МИА) - Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на престижна летна школа за млади научници и истражувачи од Западен Балкан, што се организира под покровителство на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Можноста произлезе од стратешкото партнерство на македонското Министерство за образование и наука и овој референтен центар за наука и истражување на ЕУ, што резултираше по потпишувањето на рамковниот договор за соработка минатата година.
Школата ќе се одржи од 14 до 18 септември под мотото „Наука од европски ранг за заштита на животната средина“, а може да учествуваат млади научници и студенти од земјава.
- Под капата на овој договор, УГД ќе биде домаќин на оваа престижна летна школа со наслов - Наука од европски ранг за заштита на животната средина, а фокусот ќе биде ставен на проценка на загадувањето на водата, воздухот и почвата. Школата ќе се одржи од 14 до 18 септември и јас ги повикувам сите заинтересирани млади научници и истражувачи од Македонија, студенти на втор и трет циклус на студии и надарени студенти на додипломски студии, да се пријават за учество и развој на личните капацитети за одговор на современите еколошки предизвици, истакна министерката Весна Јаневска.
На денешната заедничка прес-конференција со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, министерката посочи на важноста да се организира ваков настан во соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
- Овој центар е внатрешната научна служба на Европската комисија, која ги обезбедува клучните докази за креирање на европските политики. Како глобален авторитет, центарот ги поставува стандардите за мерење, мониторинг и сертификација, а оваа летна школа е ретка можност за врвното знаење од европските лаборатории да се пренесе директно во нашиот регион, оцени Јаневска.
Ректорот на државниот универзитет во Штип изнесувајќи детали за школата посочи дека учеството е бесплатно, но дека бројот на учесници е ограничен на 25 лица од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Заедничкиот истражувачки центар ќе обезбеди целосна финансиска поддршка за патување и сместување за првите 10 најдобро рангирани кандидати, додека останатите учесници самостојно ги покриваат овие трошоци.
- Оваа школа нема да биде само предавања, туку можност да имаме практични истражувачки активности заедно со експертите од Европската комисија. Сите учесници ќе имаат можност да работат директно со врвна опрема за анализа на загадување на водата, воздухот и почвата, да се запознаат со методите за проценка на емисии, со методите за моделирање на влијанието на тие емисии, да учествуваат директно во теренски активности, да работат со специфични аналитички техники како што се анализа на ултра фини честички кои веројатно се и најопасни за здравјето на луѓето, нивна анализа со помош на електронска микроскопија, софистицирани анализи на ДНК и микробиолошки анализи на загадување на водата, како и сите други современи техники коишто се применуваат во европските научно-истражувачки лаборатории, посочи ректорот Дејан Мираковски.
Интересот за школата, како што рече, е голем и досега се пријавени над 30 кандидати од кои седум се од Македонија.
Летната школа на Заедничкиот истражувачки центар наменета за млади научници и истражувачи се организира на секои две години, а првпат Македонија е домаќин. бак/дма/
Фото/видео: МИА