• петок, 05 декември 2025

Туск: Саботажите што ги поттикнува Русија ја преминаа критичната линија

Туск: Саботажите што ги поттикнува Русија ја преминаа критичната линија

Варшава, 21 ноември 2025 (МИА) - Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека саботажите што ги поттикна и организира Русија имаат за цел дестабилизација и ослабување на Полска и дека сето тоа има карактеристики на „државен тероризам“.

Во текот на викендот, експлозија ги оштети железничките шини на пругата Варшава-Лублин, која го поврзува полскиот главен град со украинската граница, во она што Туск го опиша како „невиден чин на саботажа“.

- Полска идентификуваше две лица одговорни за експлозијата, рече Туск во вторникот, додавајќи дека станува збор за Украинци кои соработувале со руската разузнавачка служба и избегале во Белорусија.

Полска побара од Белорусија да ги екстрадира бараните Украинци и го затвори рускиот конзулат во Гдањск - последниот што сè уште работи во земјата - и распореди 10.000 војници за заштита на инфраструктурата.

Москва негираше вмешаност, обвинувајќи ја полската Влада за „русофобија“ и рече дека тоа ќе го ограничи и дипломатското и конзуларното присуство на Полска во Русија.

- Неодамнешните настани не оставаат простор за никакви илузии: Русија спроведува уште една фаза од хибридното војување насочено кон дестабилизација на нашата земја, изјави Туск пред полскиот Парламентот (Сејм).

Саботажите, кои со месеци беа охрабрувани и директно организирани од службите на Кремљ, неодамна го преминаа критичниот праг и сега можеме да зборуваме за државен тероризам, рече полскиот премиер, додавајќи дека Полска и другите европски земји беа сведоци на бран палежи, саботажи и кибернапади откако започна целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година. сд/јт/

фото:МИА архива

Остани поврзан