Турција тврди дека предупредувањата за навигација во Егејското Море против Грција се неограничени
- Турското Министерство за национална одбрана денеска соопшти дека нивните предупредувања за навигација против илегалните активности на Грција во Егејското Море се неограничени, а не на две години, јави Анадолија.
Анкара, 29 јануари 2026 (МИА) – Турското Министерство за национална одбрана денеска соопшти дека нивните предупредувања за навигација против илегалните активности на Грција во Егејското Море се неограничени, а не на две години, јави Анадолија.
„Нашите навигациски известувања, кои служат како технички приговори на активностите на Грција во Егејското Море кои го кршат меѓународното право, се издадени на неодредено време а не на две години како што тврдат грчките медиуми“, соопшти Министерството.
Понатаму се наведува дека турските предупредувања за навигација, познати како НАВТЕКС (NAVTEX), нагласуваат дека сите истражувачки активности во поморските подрачја кои го покриваат континенталниот појас во Егејското Море мора да бидат координирани со Турција.
Министерството нагласи дека воените активности во подрачјата, вклучувајќи ги и територијалните води на островите под демилитаризиран статус, би можеле да ја загрозат безбедноста на пловидбата и да ги прекршат меѓународните договори.
„Турските вооружени сили ќе продолжат да ги прават неефикасни, во рамките на меѓународното право, едностраните активности и иницијативи кои ги игнорираат правата и интересите на нашата земја кои произлегуваат од нејзините подрачја на поморска јурисдикција“, се вели во текстот.
Во врска со Сирија, Министерството соопшти дека терористичката група YPG/SDF, која не се придржува до договорите од 10 март и 18 јануари, кои се клучни за обезбедување на трајна стабилност, продолжува да го крши прекинот на огнот кој е продолжен за 15 дена, негативно влијаејќи на процесот на интеграција.
Наведено е дека Анкара го поздравила отворањето на коридорите за хуманитарна помош во регионот од страна на сириската влада како позитивен развој на настаните.
Турција ќе продолжи да ја поддржува борбата на Сирија против терористичките организации и зајакнувањето на нејзините одбранбени капацитети во согласност со принципот „една држава, една војска“ и врз основа на единството и територијалниот интегритет на Сирија, додаде Министерството.
Што се однесува до Иран, Министерството соопшти дека Турција не сака нови тензии и судири во регионот и оти продолжува со напорите за прекинување на сите конфликти и воспоставување мир и стабилност, додавајќи дека се преземени сите потребни мерки во координација со релевантните државни институции против потенцијални негативни настани. јт/
Фото: МИА архива