• сабота, 21 февруари 2026

Турција и Саудиска Арабија ќе му се приклучат на Одборот за мир на Трамп

Турција и Саудиска Арабија ќе му се приклучат на Одборот за мир на Трамп

Истанбул, 22 јануари 2026 (МИА) - Турција, Саудиска Арабија и други, претежно муслимански земји, вчера објавија дека ја прифатиле поканата на американскиот претседател Доналд Трамп да му се приклучат на одборот за мир во Газа.

Министрите за надворешни работи на двете земји, како и оние на Јордан, Индонезија, Пакистан, Катар и Обединетите Арапски Емирати „ја објавуваат заедничката одлука на своите земји да му се приклучат на Одборот за мир, изјавија тие во заедничка изјава.

Обединетите Арапски Емирати, Египет и Пакистан претходно го објавија своето учество одделно.

Министрите ја потврдија „посветеноста на своите земји да ја поддржат имплементацијата на мисијата на Одборот за мир како преодна администрација (во Појасот Газа), како што е утврдено во сеопфатниот план за прекин на конфликтот во Газа и одобрено со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рекоа тие.

Се вели дека вкупно 60 земји добиле покани за Одборот за мир, кој е дел од втората фаза од мировниот план на Трамп за Газа, кој во голема мера е уништен од војната меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас.

Некои европски земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, досега беа во голема мера претпазливи.

Дипломатите што го виделе статутот на одборот за ДПА изјавија дека тоа е нескриен предизвик за Обединетите нации, кои Трамп постојано ги критикува како нефункционални.

Постојат индикации дека американската влада сака значително да го прошири мандатот на Одборот за справување со кризи и конфликти во целиот свет, а не само со Газа. мс/јт/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан