• сабота, 22 февруари 2025

Трамп на молитвениот појадок: Не можете да бидете среќни без религија, вратете го Бог во вашите животи

Трамп на молитвениот појадок: Не можете да бидете среќни без религија, вратете го Бог во вашите животи

Вашингтон, 6 февруари 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на традиционалниот молитвен појадок во Вашингтон изјави дека го променил својот став кон религијата откако преживеа два обиди за атентат и ги повика Американците „да го вратат Бог“ во нивните животи.

На церемонијалниот собир во американскиот Конгрес, кој повеќе од 70 години ги собира пратениците и од демократите и од републиканците за да промовираат единство, Трамп рече дека „вистински верува“ дека луѓето „не можат да бидат среќни без религија и верување“.

Трамп се осврна на минатогодишниот обид за атентат во Пенсилванија, кога куршум му го зафати увото и за малку ќе го убиеше, велејќи дека „се чувствува како тоа да сменило нешто во него“.

- Се чувствувам уште посилен. Верував во Бог, но се чувствувам многу посилен поради тоа. Нешто се случи, рече Трамп, и подоцна на настан во рамките на молитвениот појадок во блискиот хотел додаде дека „Бог го спасил“.

Трамп на Капитол Хил рече дека верската слобода е „дел од основата на американскиот живот“ и повика на „апсолутна посветеност“ за нејзина заштита. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан