Тајани: Коридорот 8 е стратешки приоритет и дел од италијанската стратегија за приближување на Западен Балкан кон ЕУ
- Ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ви помогнеме да станете дел од ЕУ и јас сум јасен во врска со Западен Балкан. На 30 март ќе имаме група пријатели на Балканот за да ја потврдиме поддршката за обединување на регионот, рече Тајани на состанокот, објавија албанските медиуми
Тирана, 18 февруари 2026 (МИА) - Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, на министерскиот состанок, што се одржува денеска во Тирана, порача дека Коридорот 8 е стратешки приоритет, дека не е само инфраструктурен проект, туку политички избор и дел од италијанската стратегија за приближување на Западен Балкан кон ЕУ.
- Се согласувам со вас дека за Италијанците, Коридорот 8 не е само технички избор, туку е политички избор бидејќи е дел од нашата стратегија за обединување на Балканот, кој е стратешки приоритет за италијанската влада. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ви помогнеме да станете дел од ЕУ и јас сум јасен во врска со Западен Балкан. На 30 март ќе имаме група пријатели на Балканот за да ја потврдиме поддршката за обединување на регионот - рече Тајани на состанокот, објавија албанските медиуми.
Додаде дека заедничката декларација што ќе биде усвоена ќе пренесе силна порака дека „Коридорот 8 е заеднички стратешки приоритет за нашите економии“.
- Посветени сме на преземање конкретни чекори за да го реализираме. Тој е клучен за трговијата. За Италија, трговијата е повеќе или помалку 40 отсто од нашиот БДП. Нашата цел е да го зголемиме извозот, за тоа ќе работиме напорно. Потенцијалот за економска активност помеѓу Јадранското Море и Балканот е извонреден. Денеска, повеќе од кога било, завршувањето на Коридорот 8 е клучна безбедносна цел, тоа е инструмент за зајакнување на европскиот столб на НАТО. Ако сакаме да бидеме поважни, ако сакаме да разговараме со Американците на исто ниво, треба да го зајакнеме европскиот столб на НАТО - рече тој.
Тој ја пренесе поддршка на неговата земја за европската интеграција на Албанија додавајќи дека Албанија е европска земја и дека Италија ќе направи сè што е во нејзина моќ да ѝ помогне на патот кон членство во Европската Унија. вт/сд/