• сабота, 22 февруари 2025

Претседател на Финска: Американскиот трансакционизам претставува предизвик за Европа

Претседател на Финска: Американскиот трансакционизам претставува предизвик за Европа

Хелсинки, 5 февруари 2025 (МИА) - Претседателот на Финска, Александар Стуб, денеска оцени дека американската надворешна политика претставува предизвик за Финска и Европа.

- Во надворешната политика, препознавањето на фактите е почеток на мудроста... Политиката на нашиот блиски сојузник, САД, во моментов се потпира повеќе на трансакционизам отколку на мултилатерализам. Тоа е предизвик за Финска и Европа, изјави Стуб во своето обраќање пред пратениците, пренесува Хелсингин Саномат.

Тој нагласи дека Финска ќе продолжи да се придржува до вредностите како што се демократијата, владеењето на правото, меѓународното право и човековите права. Според него, глобалните предизвици бараат Европа да продолжи со блиска соработка со САД.

- Европа мора да ги стави можностите за соработка на маса без да ги загрози своите принципи, додаде тој.

Стуб не го спомена американскиот претседател Доналд Трамп ниту се осврна директно на неговата политика, која уште на почетокот од неговиот мандат е сметана за контроверзна, како што се најавата за купување на Гренланд или преземањето на Газа, пишува финскиот весник.

- Влегуваме во нов свет. Многу работи што ги сметавме за нормални ќе се променат или веќе се промениле. Политиката на моќ сега го доведува во прашање системот заснован на правила, изјави Стуб.

Тој додаде дека трансакционизам често се поврзува со Русија и Кина, но, како што рече, истите карактеристики важат и за „некои западни сили“.

Претседателот на Финска нагласи дека долгорочниот интерес на земјата е мултилатералниот систем да биде што посилен.

- Меѓутоа, не можеме да се исклучиме од донесувањето одлуки, кои делумно се носат надвор од овој систем. Исто така, не можеме да се изолираме од земјите кои не ја поддржуваат целосно мултилатералноста. Ние ги унапредуваме нашите интереси во сите можни ситуации, врз основа на нашите сопствени вредности, заклучи Стуб. ссм/

фото: архива

Остани поврзан