• вторник, 16 декември 2025

Стерјовски на онлајн состанок на работната група за јазични и малцински права при ЕФА

Стерјовски на онлајн состанок на работната група за јазични и малцински права при ЕФА

Дебар, 15 декември 2025 (МИА) - Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ денеска учествуваше на онлајн состанокот на работната група за јазични и малцински права при Европската слободна алијанса (ЕФА). 

- Ги информирав членовите на работната група за моето учество на Форумот за малцински прашања на Обединетите нации, организиран од Специјалниот претставник на ОН за малцински прашања, кој се одржа во Женева од 26 до 28 ноември 2025 година, каде што јасно и одговорно ги покренав прашањата што директно ги засегаат Македонците во Албанија, информираше Стерјовски.

На состанокот, додаде, дискутирале за предизвиците со кои се соочуваат малцинствата во Европа и за можностите преку Европската слободна алијанса овие прашања да бидат гласно и аргументирано адресирани пред европските институции.

Посочи дека Европската слободна алијанса е гласот на малцинствата во Европскиот парламент.

- Членството на МАЕИ во оваа европска политичка фамилија претставува силна потврда дека борбата за правата, достоинството и иднината на Македонците во Албанија е дел од пошироката европска агенда. Продолжуваме посветено, одговорно и со јасна визија, за една Европа на еднаквост, почит и вистинска демократија, нагласи тој.

МАЕИ, стана полноправна членка на  ЕФА со едногласна одлука донесена од делегатите на Генералното собрание одржано во Брисел, на 7 март минатата година. вт/ев/

ФOTO: МАЕИ

 

Остани поврзан