Стармер: Палестинците треба да бидат во можност да се вратат во своите домови и повторно да го изградат Појасот Газа
- Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Палестинците треба да бидат во можност да се вратат во своите домови и повторно да го изградат Појасот Газа, кој е во урнатини по 15-месечната војна меѓу израелските сили и палестинското движење Хамас.

Лондон, 5 февруари 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Палестинците треба да бидат во можност да се вратат во своите домови и повторно да го изградат Појасот Газа, кој е во урнатини по 15-месечната војна меѓу израелските сили и палестинското движење Хамас.
Стармер реагираше на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците.
„Тие (Палестинците) мора да бидат во можност да се вратат во своите домови, да ги обноват, а ние мора да бидеме со нив во таа обнова, на патот кон решение за две држави (Израел и Палестина)“, рече Стармер одговарајќи на прашање во Парламентот во врска со планот на американскиот претседател да го расели Појасот Газа и да го претвори во територија под управа на САД.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави претходно денеска за време на посетата на Киев дека Палестинците треба да имаат можност „да живеат и да напредуваат на своите територии, во Појасот Газа и на Западниот Брег“.
„Сите ние треба да обезбедиме иднина за Палестинците, на нивните територии“, рече Лами, додавајќи дека Трамп е во право само кога вели дека Појасот Газа е во урнатини.
Американскиот претседател вчера објави план за преземање контрола врз Појасот Газа, откако во Белата куќа го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп повтори дека жителите на Газа може да се преселат во Јордан или Египет, и покрај противењето на тие земји и самите Палестинци. рп/
Фото: ЕПА