Српскиот министер за правда поднесе кривична пријава против претседателот на Високиот совет на обвинителства
- На Стаменковиќ му е доставена покана за сослушување како осомничен, кое е закажано за првата половина на февруари оваа година.
Белград, 30 јануари 2026 (МИА) - Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ поднел кривична пријава против претседателот на Високиот совет на обвинителства (ВСТ), Бранко Стаменковиќ. Тужбата е поднесена до Специјалното одделение за сузбивање корупција поради наводно сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
На Стаменковиќ му е доставена покана за сослушување како осомничен, кое е закажано за првата половина на февруари оваа година.
Врховната јавна обвинителка Загорка Доловац побарала списите од предметот да и бидат доставени на увид без одлагање. Сепак, имајќи предвид дека таа е член на Врховниот суд на правдата по функција и потенцијален сведок во тој предмет, списите од предметот не можат да и бидат доставени, соопшти ВЈО.
Како што е наведено во соопштението, Стаменковиќ е пријавен затоа што помеѓу 25 декември 2025 година и 16 јануари 2026 година, спротивно на Законот за ВСТ и Деловникот за работа на ВСТ, „очигледно постапил небрежно при вршењето на своите должности, а како резултат на тоа, дошло до сериозно кршење на правата на членовите на Советот, како и на подносителите на шест приговори за изборите на обвинители што биле поднесени до Советот поради кршење на изборните права на неколку избирачки места“. зш/ми/