• четврток, 04 декември 2025

Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Скопје, 4 декември 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација. 

Како што соопштија од нејзиниот кабинет, за таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.   

-Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба, стои во соопштението од средбата што се одржала вчера.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.  

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации, се наведува во соопштението. вг/

Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска - Давкова

Остани поврзан