• петок, 27 март 2026

Средба на директорот на Царина со генералниот директор на СЕЛЕК: Борбата со транснационалниот организиран криминал во фокус на соработката

Средба на директорот на Царина со генералниот директор на СЕЛЕК: Борбата со транснационалниот организиран криминал во фокус на соработката

Скопје, 6 март 2026 (МИА) - Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК), е еден од најзначајните стратешки партнери на нашата држава во борбата со транснационалниот организиран криминал. Нашата соработка е фокусирана на сузбивање на недозволена трговија со дрога, царински измами и криумчарење мигранти, при што преку понатамошно интензивирање и продлабочување на партнерството се стремиме кон зајакнување на безбедноста во Југоисточна Европа. Како што соопшти Царинската управа, ова бил заклучокот од средбата на директорот Бобан Николовски и помошник-директорот Влатко Лакордов со генералниот директор на СЕЛЕК, д-р Огуз Серкант Акин, и директорот за правни и внатрешни работи при СЕЛЕК, Јован Пешевски.

На состанокот двете страни разговарале за можностите за подобрување на регионалната прекугранична соработка.

- Директорот Николовски истакна дека еден од приоритетите на македонската царина е откривање на царински измами и спречување на обиди за сериозен криминал, при што од големо значење е зголемување на соработката со царинските органи од Југоисточна Европа преку оперативно споделување на податоци. Притоа, тој ја истакна важноста на одличната соработка со СЕЛЕК како клучна во брзото споделување на информации со царинските органи од регионот и зајакнување на безбедноста, се посочува во соопштението. 

Од друга страна, генералниот директор на СЕЛЕК, д-р Огуз Серкант Акин, ја истакнал важноста од зголемен придонес на Македонија како членка на СЕЛЕК, посочувајќи дека Царинската управа е важен дел од синџирот на безбедноста во Југоисточна Европа и се заблагодарил за активното учество во текот на годините. ев/вј/

ФОТО: Царинска управа 

Остани поврзан