• сабота, 21 февруари 2026

Средба на Баро со Ѓуриќ: Ги поддржуваме аспирациите на Србија за ЕУ, државата да ги исполни препораките на ЕК

Средба на Баро со Ѓуриќ: Ги поддржуваме аспирациите на Србија за ЕУ, државата да ги исполни препораките на ЕК

Белград, 16 јануари 2026 (МИА) - Министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро, денеска во Белград изјави дека ставот на неговата земја е дека Србија треба да го отвори Поглавјето 3, но и дека Србија треба да ги исполни препораките од Европската комисија.

- Србија има место во нашата Европа, сакаме таа идеја да ја одржиме жива кај српскиот народ, изјави Баро по средбата со министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, и истакна дека Србија треба да ги исполни своите задачи во врска со реформите и изборот на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми.

Баро ја истакна двојната порака од неговата посета - пораката за пријателство меѓу Србија и Франција, што се рефлектира во структурната соработка на економијата и луѓето, а втората порака е потврда дека местото на Србија е во ЕУ.

Ѓуриќ изјави дека Србија ќе ги удвои напорите за спроведување на европската агенда.

Српскиот министер изјави дека денешното потпишување на документите - Заедничката изјава на вицепремиерот и министер за финансии Синиша Мали и францускиот министер Баро во врска со почетокот на првата фаза од изградбата на белградското метро, ​​како и Меморандумот за разбирање за изградба на фаза 1 од колекторот Велико Село, претставува конкретна потврда за соработка.

Ѓуриќ изјави дека постои исклучително развиен политички дијалог на високо ниво, наведувајќи дека тој и неговиот колега од Франција разговарале за сите важни прашања, од европска интеграција до глобалните предизвици.  зш/сд/

Остани поврзан