• петок, 21 февруари 2025

Средба Герапетритис – ДиКарло во пресрет на неформалниот состанок за кипарското прашање

Средба Герапетритис – ДиКарло во пресрет на неформалниот состанок за кипарското прашање

Атина, 12 февруари 2025 (МИА) – Во пресрет на претстојниот неформален состанок во проширен формат за кипарското прашање, што според грчки дипломатски извори ќе се одржи на 17 и 18 март, денеска министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис се сретна со потсекретарката на Обединетите нации за политички и мировни прашања, Розмари ДиКарло, јави дописничката на МИА од Атина.

ДиКарло ја посети Атина како дел од нејзината турнеја во Турција, Кипар и Грција за подготовка на неформалниот состанок во проширен формат во контекст на напорите за рестартирање на преговорите за решавање на кипарскиот проблем.

Дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА посочиле дека Герапетритис, на средбата истакнал дека решавањето на кипарското прашање е приоритет за грчката надворешна политика и ја повторил позицијата на Грција за решение засновано на би-зонална би-комунална федерација, во рамките на соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН.

ДиКарло, според истите извори, го информирала Герапетритис за подготовките за претстојната неформална средба со учество на петте страни, нагласила дека генералниот секретар е посветен на кипарското прашање и се стреми кон тоа да постојат опипливи резултати и ѝ се заблагодарила на Грција за конструктивната улога што ја игра во Советот за безбедност на ОН. ср/ссм/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција/Х

Остани поврзан