Спикерот Мајк Џонсон го поддржа предлогот на Трамп за Газа
- Спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, го поддржа предлогот на претседателот Доналд Трамп дека САД треба да го земат под своја контрола појасот Газа кој е целосно разурнат од војната.

Вашингтон, 5 февруари 2025 (МИА) - Спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, го поддржа предлогот на претседателот Доналд Трамп дека САД треба да го земат под своја контрола појасот Газа кој е целосно разурнат од војната.
Џонсон истакна дека републиканците ќе ја поддржат иницијативата на Трамп.
-Вчерашната првична најава беше пречекана со изненадување, но и со радост од многумина – мислам, од луѓето ширум светот, изјави Џонсон на денешниот прес-брифинг. „Зошто? Затоа што овој регион е многу опасен, а тој (Трамп) презема храбри и одлучни чекори за да се обиде да донесе мир во регионот.“
На средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа, претседателот Трамп предложи Газа да се претвори во „ривиера на Блискиот Исток“, и дека САД територијата треба привремено да ја земат под своја контрола при што нејзините жители би се релоцирале на други локации.
Џонсон изјави дека очекува да добие дополнителни детали за планот на Трамп. Тој додаде дека оваа тема е на распоред за разговор со Нетанјаху утре, кога тој доаѓа на Капитол хил на средби со конгресмените.
-Ако Газа остане во сегашната состојба постои ризик од нов напад врз Израел, сличен на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Таквата закана треба да се минимизира, изјави Џонсон. кб/
Фото: Фејсбук