Спасувачи трагаат по 30 лица затрупани од одрон на карпи и лизгање на земјиште во југозападна Кина
- Властите во југозападната кинеска провинција Сечуан започнаа голема операција за пребарување и спасување, откако одрон од карпи и лизгање на земјиште затрупа 10 куќи, а повеќе од 30 лица се водат како исчезнати, јави Ксинхуа.

Пекинг, 8 февруари 2025 (МИА) - Властите во југозападната кинеска провинција Сечуан започнаа голема операција за пребарување и спасување, откако одрон од карпи и лизгање на земјиште затрупа 10 куќи, а повеќе од 30 лица се водат како исчезнати, јави Ксинхуа.
Одронот се случи денеска во селото Џингпинг, кое се наоѓа во близина на градот Јибин во округот Жонглианг.
Министерството за управување со кризи во областа распореди стотици спасувачи, меѓу кои и пожарникари. Според државната кинеска централна телевизија ЦЦТВ, две лица веќе се извлечени живи од урнатините, а уште 200 се евакуирани.
Кинескиот претседател Си Џинпинг изрази загриженост и ги повика властите да ги направат сите неопходни напори за потрага по исчезнатите и намалување на бројот на жртвите.
Кинескиот премиер Ли Чијанг побара истрага и проверка на потенцијалниот геолошки ризик во соседните области. Тој рече дека можеби ќе треба да се евакуираат повеќе локални жители за да се избегне нова катастрофа.
Националната комисија за развој и реформи одвои 50 милиони јуани (6,8 милиони евра) од државниот буџет за поддршка на итната реконструкција на инфраструктурата и објектите за јавни услуги.са/
Фото: ЕПА