Советот на општина Куманово донесе одлука за зголемување на цената за месечен престој во градинките
- Советот на општина Куманово донесе одлука да се зголеми цената од досегашните 1.490 денари на 2.011 денари. Цената не е променета од 2004-та година.
Куманово, 26 февруари 2026 (МИА) - Советот на општина Куманово донесе одлука да се зголеми цената од досегашните 1.490 денари на 2.011 денари. Раководителот на секторот за секторот за социјална заштита, Александар Крстевски рече дека цената мора да се зголеми, бидејќи не е променета повеќе од две децении, а оттогаш наваму се зголемени трошоците на сите производи.
-Ќе наведам пример минималната плата во 2004 година изнесуваше 5.000 денари, а во 2025 година 25.000 денари-рече Крстевски.

Директорката на јавната детска градинка, Ивана Николиќ, претходно информираше дека иницијативата за зголемување на месечниот надомест е неопходна, бидејќи 22 години не е променета, а во истиот период зголемени се трошоците на живот за храна, енергенси, хигиена и комунални услуги.

Таа вели дека цената што ја плаќаат родителите не ја покрива целосната економска вредност на услугата.
- Надоместокот претставува само дел од вкупните трошоци, додека најголемиот дел се субвенционира од државата. На тој начин градинките остануваат достапни за сите семејства, рече таа.
Во однос на втората смена, која претходно функционирала до 22 часот, Николиќ појасни дека услугата била укината поради слаб интерес, но и дека установата останува отворена за дијалог со родителите и дека повторно воведување на втора смена е можно доколку се појави реална и одржлива потреба со доволен број деца.
- Наш приоритет останува ист квалитетна, сигурна и достапна грижа за секое дете, со одговорно управување со ресурсите“, истакна директорката.
Предлогот за зголемување на цената на услугите беше прифатен со мнозинство гласови. ам/са/
Фото: МИА