Советот на Општина Делчево одржа седница за прашања од граѓаните, најавена алатката SMART DELCEVO
- Стојменовски и Гоцевски најавија продолжување на отворениот дијалог и нови алатки за поголема транспарентност, вклучително и платформата SMART DELCEVO и специјализирана телефонска линија
Делчево, 27 февруари 2026 (МИА) – Советот на Општина Делчево денеска ја одржа шестата седница, прва во овој мандат посветена исклучиво на прашања и предлози од граѓаните и советниците до носителите на јавни функции.
Граѓаните имаа можност директно да поставуваат прашања до претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, до градоначалникот Иван Гоцевски, како и до директорите на средното и основните училишта, на ЈКП „Брегалница“, на ЈОУ Детска градинка „Весели цветови“, на Градската библиотека „Илинден“ и до командирот на Територијалната противпожарна единица.
Стојменовски оцени дека одржувањето на ваква седница ја потврдува посветеноста кон транспарентност, одговорност и директна комуникација со јавноста.
- Транспарентноста не е само принцип, таа е практика што активно ја спроведуваме. Благодарам на сите граѓани кои се вклучија со свои прашања и предлози. Ова е само почеток и ваквиот отворен дијалог ќе продолжи, изјави Стојменовски.
Градоначалникот Гоцевски нагласи дека отвореноста и отчетноста се суштински дел од неговото работење.
- Транспарентноста не е само збор во мојата програма, туку секојдневна пракса. Институциите мора да бидат отворени, достапни и отчетни пред граѓаните, затоа што тие се нивни вистински сервис. Дискусијата и аргументираниот дијалог се темел на здраво демократско општество, истакна Гоцевски.
Тој посочи дека инсистира на целосни, навремени и прецизни одговори на сите поставени прашања, со цел спречување дезинформации и непотребна загриженост кај граѓаните, додавајќи дека отвореноста ја доживува како обврска и чест.
Во насока на унапредување на комуникацијата со јавноста, Гоцевски најави имплементација на дигиталната алатка SMART DELCEVO, која ќе овозможи поголема транспарентност, електронско поднесување барања и следење на текот на предметите, како и директна интеракција со општинските служби.
Дополнително, најавено е воведување специјализирана телефонска линија за прашања и проблеми на граѓаните, со цел подобра достапност на услугите, особено за жителите од поодалечените населени места.
Од Општина Делчево информираат дека со ваквиот пристап ќе продолжат и во наредниот период, со цел јакнење на довербата и подобрување на услугите кон граѓаните. вс/дма/
Фото: МИА