Со поддршка од ЕУ поставени темелите за регионално управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион
21 јануари 2026
Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со проектниот конзорциум ENVIROPLAN S.A. (лидер) - WEGlobal, денеска во Скопје ја одржа завршната работилница од проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА-програмата, со што формално беше означено завршувањето на имплементацијата на проектот.
На отворањето на настанот поздравни обраќања имаа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и раководителот на секторот за соработка во делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин, при што беше истакната стратешката важност на проектот за воспоставување интегриран, одржлив и со европските стандарди усогласен систем за управување со отпадот на регионално ниво.
Целта на работилницата беше да се презентираат целите на проектот, клучните активности и постигнатите резултати, како и да се отворат дискусии за следните чекори во насока на целосна имплементација на регионалните системи за управување со отпад во двата плански региона, во согласност со европското законодавство и зелената агенда за Западен Балкан. Проектот претставува клучен предуслов за премин од фрагментирани кон системски решенија во управувањето со отпадот.

Во своето обраќање заменик-министерката Лашкоска нагласи дека проектот претставува значаен исчекор од планови кон реализација:
„Овој проект покажува дека европските политики не остануваат само на хартија, туку се преточуваат во конкретни и мерливи резултати на терен - преку зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за одржливо управување со отпадот“.
Таа додаде дека реализираните активности создаваат стабилна основа за следната фаза:
„Со овој проект ги поставуваме темелите за воспоставување функционални регионални системи за управување со отпадот, со јасна визија за нивна изградба и практична имплементација, во интерес на граѓаните и животната средина“.
Проектот, кој се спроведуваше во период од 24 месеци, опфати изработка на стратешки и технички документи, студии за влијание врз животната средина, зајакнување на капацитетите на општините и јавните комунални претпријатија, како и набавка на возила и контејнери за сите 18 општини во Источниот и Североисточниот Регион. Со проектните активности, особено во Источниот Регион, беа затворени и критични и нестандардни локации, со што беше даден јасен придонес кон намалување на дивите депонии и унапредување на еколошките стандарди.
Проектот претставува значаен придонес во процесот на усогласување со законодавството на Европската Унија во областа на животната средина и е составен дел од спроведувањето на зелената агенда за Западен Балкан, како и од националните напори за воспоставување одржливи и модерни системи за управување со отпад.
Министерството за животна средина и просторно планирање со јасна визија продолжува од проекти кон целосна имплементација воспоставувајќи функционални, одржливи и со европските стандарди усогласени регионални системи за управување со отпад како трајно решение во интерес на граѓаните и животната средина.
Министерство за животна средина и просторно планирање