Сиљановска-Давкова: Почитувањето на наодите и препораките на ДЗР е суштинско за унапредување на отчетноста и транспарентноста во јавниот сектор
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија, предводен од Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија, предводен од Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
На средбата претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, била детално информирана за тековната работа и клучните алармантни наоди од Годишниот извештај за извршените ревизии.
Раководниот тим укажал на најризичните состојби и нужноста од нивно брзо и ефикасно надминување. Исто така, главниот државен ревизор ги презентирал тековните, како и планираните активности, согласно Годишната програма за работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова изразила импресионираност од темелниот, стручен и професионален однос на ДЗР во вршењето на надлежностите, што ја вбројува во најпочитуваните државни органи дома, но и од надвор. Таа искажала особена поддршка за системскиот и транспарентен пристап кон работатата, укажувајќи на потребата од законско и домаќинско управување со јавните добра и средства, како и санкционирање на незаконските постапки.
Сиљановска-Давкова, како што е наведено во соопштението, посочила дека почитувањето на наодите и препораките на ДЗР е суштинско за унапредување на отчетноста и транспарентноста во јавниот сектор.
Професионалноста и независноста на ревизорите биле истакнати како основни причини за високиот углед, рејтинг и доверба во Државниот завод за ревизија.
На средбата се разговарало и за новиот Закон за државна ревизија, како и за потребата од гарантирање уставен статус на ДЗР, како гаранција за независност. дма/бак/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова