• четврток, 04 декември 2025

Синиша Евтимов за МИА: Со младите актери во „Болва в уво“ носиме нов квалитет, мислам дека создаваме нешто што ќе трае долго

Синиша Евтимов за МИА: Со младите актери во „Болва в уво“ носиме нов квалитет, мислам дека создаваме нешто што ќе трае долго

Скопје, 1 декември 2025 (МИА) 

Хатка СМАИЛОВИЌ

Експлозија на енергија, страст и комика, најлуда „театарска машина" за хаос што ја измислил Фејдо. Драмски театар-Скопје  (ДТС) вака ја најави новата постановка на „Болва в уво“ од францускиот „мајстор на водвиљот“ Жорж Фејдо. Премиерата на 17 декември, која е петта и последна на Драмски во 2025 година, веќе е распродадена, како и првата реприза на 23 декември, а ќе има втора реприза наредниот ден. 

По пауза од над 30 години, режисерот Синиша Евтимов одново ја поставува во Драмски театар на чија сцена „Болва в уво“ во режија на Димитрие Османли, премиерно изведена во 1974, беше (по „Солунски патрдии“) најдолго играна претстава. 

Според ДТС, 18 години и над 450 изведби имала оваа комична приказна, која почнува со едно лажно љубовно писмо на жена решена да ја тестира верноста на нејзиниот сопруг. И ќе повлече лавина од недоразбирања, љубовни сомнежи и погрешни љубовници, совршено темпирани пресврти, низа заплети со комични ефекти до атмосфера на незапирливо смеење. Сето тоа заедно со режисерската умешност на Османли ѝ обезбедиле популарност, гледаност, култен статус и долговечност на репертоарот.  

На премиерата пред половина век улогите ги играа: Ацо Јовановски, Лилјана Георгиевска, Димче Мешковски, Благој Чоревски, Мите Грозданов, Стево Спасовски, Мајда Тушар, Коле Ангеловски, Лилјана Велјанова, Живко Ивановски, Симе Илиев, Јон Исаја, Славица Николовска (низ годините со промена на некои од актерите во екипата).  

На претстојната премиера на сцената ќе бидат нивните наследници во ансамблот на Драмски, кои најголем дел се млади актери: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимкир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска-Лаковски, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ. Сценограф на новата „Болва в уво“ е Мартин Манев и костимограф Раде Василев. 

-Многу возбудлива екипа на млади актери од коишто јас сум навистина пријатно изненаден. Задоволство е да се работи со нив и мислам дека создаваме нешто што ќе трае долго и ќе се обидеме достојно да ја замениме оригиналната „Болва в уво“ на Димитрие Османли,  изјави режисерот Синиша Евтимов за МИА.

Тој е автор и на адаптацијата на текстот на Фејдо, напишан пред 118 години, при што се сменети топонимите и имињата на ликовите. Како што вели,  се случува во Скопје „во некоја паралелна димензија којашто визуелно најмногу наликува на 1980-тите, кога единствениот начин на комуникација е телефонот со жица - за да може да работи самата драматуршка равенка што ја поставува Фејдо“. 

-Сè останато резонира во денешното време, зборува со модерен, современ јазик. За жал, само проблемите мора да останат исти. Велам за жал – затоа што проблемите не сме ги надминале веќе 118 години ... За жал, ако ги ставиме во денешен контекст истите работи, ние се соочуваме со недоразбирања, лаги насекаде. И најбитно од сè – не се слушаме и поради тоа се случуваат недоразбирања, вели режисерот.

МИА беше на проба на една од сцените во „Болва в уво“ и разговараше со Евтимов за оваа претстава која е 41-ва во неговата досегашна кариера, како и за работата на комедии. Рече дека комедијата е тежок жанр и оти тој се обидува секогаш да ја претстави „смешната страна на нашата курентна историја“. 

Долгоиграната „Болва в уво“ Драмски ја нарекува амблематска претстава затоа што обележува речиси две децении во развојот на театарот. Како влијае тој факт во процесот на создавање на новата „Болва в уво“? 

-Од една страна товарот е голем, и одговорноста е голема, а и честа, се разбира. Дефинитивно ми значи таа претстава, го имам и беџот од 300-тата изведба што сум ја гледал како клинец овде. Од тој аспект е навистина голема чест и одговорност. Меѓутоа, многу е интересно што оваа сосема нова генерација актери и нема некои допирни точки, ниту со екипата, ниту со претставата, ниту со епохата. За нив е едно сосема ново искуство и го немаат бремето на старата претстава, освен она што е фактографски документирано, што во денешно време и не значи многу. Мислам дека тоа ќе даде еден сосема нов квалитет затоа што освен мене никој не го носи тоа бреме. Тие создаваат нов квалитет и сосема нови, поинакви ликови. Тука мора посебно да истакнам дека женскиот дел од екипата, ќе се осмелам да кажам, е многу повозбудлив од она што го имаме во оригиналот. Се разбира, не занемарувајќи ги тука и машките кои се фантастични. 

Воопшто, станува збор за многу возбудлива екипа на млади актери од коишто јас сум навистина пријатно изненаден. Задоволство е да се работи со нив и мислам дека создаваме нешто што ќе трае долго и ќе се обидеме достојно да ја замениме оригиналната „Болва в уво“ на Димитрие Османли. 

Презадоволен сум зашто работам со, за мене барем, сосема нова и многу возбудлива екипа. Скоро 80 отсто од луѓето се најскоро примени во ансамблот на Драмскиот театар. Создаваме една претстава која вистински ќе го одбележи нивното блескање на оваа сцена и, да речеме, некое преземање на Драмски театар од нова генерација којашто ќе донесе сосема нова свежина и нова публика, се надевам. 

Вие сте и автор на адаптацијата на текстот, дали има новини во пласирањето на приказната, осовременување со актуелности, локален контекст итн? 

-Апсолутно да. Секогаш во своите претстави се обидувам да создадам еден паралелен универзум кој, всушност, зборува со овде и сега, меѓутоа не неопходно се случува овде и сега, туку во некоја паралелна димензија со нашава во која ние сами си ги поставуваме правилата и во таа смисла раскажуваме приказна која ни одговара нам и праќа порака, ако воопшто треба да прати порака, за да креираме еден поп продукт.

Мојата адаптација е базирана на менување на топоними и воопшто имињата, се случува во Скопје во некоја паралелна димензија којашто визуелно најмногу наликува на 1980-тите од Скопје, и единствениот начин на комуникација во таа ера е, нели, телефонот со жица за да може да работи самата драматуршка равенка што ја поставува Фејдо. Сè останато резонира во денешното време, зборува со модерен, современ јазик. За жал, само проблемите мора да останат исти. Велам за жал затоа што проблемите не сме ги надминале веќе 117 години. 

Многу е битно дека Фејдо се обидувал да ја претстави убавата страна на животот и лесните проблеми на човекот со кои се соочува. За жал, ако ги ставиме во денешен контекст истите работи, ние се соочуваме со недоразбирања, лаги насекаде. И најбитно од сè – не се слушаме и поради тоа се случуваат недоразбирања.

Болвата в уво е сомнежот, што јаде и нагризува од внатре и цело време нè тера да се сомневаме и да се прашуваме дали е сè во ред. За жал, во денешно време најчесто го добиваме и одговорот и тој не е баш позитивен. Но, јас сум позитивен и гледам позитивно на човековата цивилизација како таква и затоа и во моите претстави се обидувам да внесам што повеќе позитива за да му ја пренесам на потенцијалниот гледач и да му го разубавам денот барем два часа.

И досега сте работеле комедии од Жорж Фејдо, во Струмички театар имавте претстава по мотивите на неговата „Кројач за дами“. Што Ве инспирира кај овој автор? 

Фејдо е возбудлив автор секогаш, особено за некој како мене кој се профилира веќе како автор што работи комедии. Сметам дека комедијата е многу тежок жанр за работа, а Фејдо е еклатантен претставник на она што и тогаш и денеска се нарекува комедија. Но, самите теми коишто ги обработува Фејдо во своите комедии, во принцип, во денешно време малку поинаку се читаат. Тој пишува во таа belle époque, eпоха во која сите живеат еден среќен живот или, да речеме, живот којшто нема граници, еден тотално боемски, дионизиски пристап кон животот кој е баш нешто што го отсликува Париз од тоа време. 

Но, во денешно време основните теми се прељуба, лага пред сè. Денес живееме во свет од лаги, во свет во кој се гледаме во очи и се лажеме, што е прилично тажно. Меѓутоа, за жал, таму сме стигнати како општество, а јас се обидувам секогаш да ја претставам смешната страна на нашата курентна историја. Излезот го гледам во комедиите и во моето согледување на современите случувања и моја интерпретација на истите. Фејдо зборувал за ниски страсти, за жал денес ниските страсти се нашиот праг, и тоа е тажното. Токму затоа Фејдо.

Рековте комедијата е многу тежок жанр за работа, дали е денес уште потешко да се направи добра комедија? 

Воопшто не е лесно, особено во денешно време кога се соочуваме со милион секојдневни премрежија - од лични предизвици, до општествени предизвици, до светски предизвици. Не е лесно денеска да се создаде квалитетна комедија којашто ќе го задржи вашето внимание барем 120 минути и ќе ве остави, на пример, со воспаление на стомачни мускули.

Драмата или трагедијата како жанр е многу полесна за создавање во смисла дека многу полесно можам да стигнам до вас, до вашите мисли, емоции, до вашето срце, со едноставните магионичарски трикови на нашата режисерска фела. Можам да замолчам пет секунди на сцена, да ги насолзам моите очи и да ја пренесам мојата емоција кон вас. Многу е потешко да ве насмеам. 

Големиот професор Љубиша Георгиевски има една фантастична аналогија на оваа тема. Тој вели - најтешко е да направиш комедија, затоа што во трагедија, на пример, или во драма, особено во современиот театар и тоа, за жал, го гледаме, тој вели - актерот може да уринира на сцена и публиката или критиката да каже: „а-ха, ова е знак – крај на нашето општество...“ Да го направиш тоа во комедија, публиката може да напушти и да каже: „што е ова глупирање...“ Тоа е една генијална аналогија на драгиот професор Георгиевски.

Комедијата е најтежок жанр за работа и токму затоа за мене е секогаш голем предизвик.

За новата премиера, Драмски најавува дека е од режисер хит-мејкер, што е и очекувано со оглед на популарноста на многу Ваши претстави, особено по успехот на наградуваната „12“ во МНТ од минатата година. Ќе биде ли „Болва в уво“ хит? 

Апсолутно да, за тоа сум тука. Тоа е идејата. Драмски има посебно место во моето срце. Фактички, моите први театарски чекори се направени во Драмски, пред сè како актер - како клинец во 1986 година имам играно во претставата „Стапица“ по текст на Тадеуш Ружевич,  ја режираше полскиот режисер Богдан Хусаковски. Јас ја имав честа да го играм  малиот Франц Кафка во таа претстава.  Одамна сум врзан со Драмски, сум бил и на гостувања со Драмски, сум играл на МЕСС со таа претстава. 

 Досега имам работено две претстави овде и драго ми е што се враќам по осум години, тогаш во Драмски ја работев „Атена со пенис“, а тоа е доста одамна.  Драго ми е што се враќам во Драмски со ваков текст, а повторно морам да напоменам особено ми е драго што работам со оваа за мене сосема нова екипа.  Освен Рубенс Муратовски и Кате Шехтанска, кои се од друга генерација, сите други се сосема млади и нови, тие секако се етаблирани на сцената во Драмски во последната сезона-две и публиката веќе може да ги гледа, но мислам дека никогаш немала можност да ги гледа сите заедно. 

Правиме сериозен поп продукт и се надевам дека во наредните минимум пет години оваа претстава ќе биде на репертоарот на Драмски и ќе ги руши рекордите на касата. Тоа е идејата. За тоа ја правиме претставата. 

Фото: Дарко Попов

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан