СЗО потврди 13 напади врз здравствената инфраструктура во Иран, четворица убиени
- Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска изјави дека организацијата потврдила 13 напади врз здравствената инфраструктура во Иран за време на американско-израелската воена кампања, во кои беа убиени четворица здравствени работници, а 25 беа повредени.
Женева, 5 март 2026 (МИА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска изјави дека организацијата потврдила 13 напади врз здравствената инфраструктура во Иран за време на американско-израелската воена кампања, во кои беа убиени четворица здравствени работници, а 25 беа повредени.
Генералниот директор на СЗО на прес-конференција изјави дека е потврден и еден напад врз здравствена установа во Либан, без да прецизира кој е одговорен за нападите.
На истата прес-конференција, регионалниот директор на СЗО, Ханан Балки, изјави дека во Иран биле погодени и четири амбулантни возила, додека болниците и другите здравствени установи претрпеле помала штета од нападите во нивна близина.
Како резултат на тоа, една болница во Техеран е евакуирана, објави претходно Агенцијата за здравство на ОН. Амбасадорот на Иран во СЗО во писмо до Тедрос претходно оваа недела изјави дека 10 здравствени установи биле погодени од воени напади.
Балки додаде дека логистичкиот центар на СЗО во Дубаи, кој снабдува медицински материјали за десетици земји, е привремено надвор од функција поради ограничувањата во транспортот во регионот.
Нападите на САД и Израел врз цели во Иран, вклучувајќи го и Техеран, започнаа на 28 февруари и предизвикаа цивилни жртви, додека Иран возврати со напади врз израелска територија и американски воени цели во регионот.
Во еден од нападите беше убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, а земјата прогласи 40-дневна жалост. мс/
фото: ЕПА архива