• четврток, 25 декември 2025

Секретаријатот за етика на албанскиот Парламент им изрече суспензија од 30 дена на шестмина пратеници на ДП поради хаосот на последната пленарна седница

Секретаријатот за етика на албанскиот Парламент им изрече суспензија од 30 дена на шестмина пратеници на ДП поради хаосот на последната пленарна седница

Тирана, 23 декември 2025 (МИА) - Секретаријатот за етика при албанскиот Парламент, денеска донесе одлука на шест пратеника на Демократската партија да им изрече казна исклучување од работата на Законодавниот дом во рок од 30 дена поради хаосот што го создадоа на последната пленарна седница, кога палеа факели и се судрија со обезбедувањето.

Шестмината исклучени пратеници се  Белинд Келичи, Фидел Крека, Албана Вокши, Фламур Нока, Клевис Балиу, Елда Хоти, додека 23 други пратеници добија опомена.

На одлуката на секретаријатот реагираше, пратеникот Фламур Нока, генерален секретар и координатор на пратеничката група на ДП, поранешен министер за внатрешни работи, обвинувајќи дека тоа е по наредба на Еди Рама.

-Наредбите од Суел (населбата каде што живее Рама) не нè плашат. Со синоќешниот наплив на граѓани на булеварот, тие ја примија пораката, па затоа се бесни. Нема да застанеме додека не ги разбиеме. Земјата им се лизга под нозете, ние сме решени да ја извршиме нашата мисија до крај. Нема да застанеме додека не се создаде техничка влада, рече меѓу другото Нока, кому ова не му е првпат да добие исклучување, поради недолично однесување.

Остро реагираше и пратеничката Јозефина Топали, поранешна претседателка на Парламентот, нарекувајќи ја одлуката „политичко насилство и институционална бруталност против опозицијата“.

Според неа исклучувањето на пратениците е без преседан и без никаква „реална основа за парламентарно недолично однесување“. вт/сд/

Фото: албански Парламент

Остани поврзан