Се зголемува цената на парното во Скопје заради инвестиции во старата мрежа (ДПЛ)
- Од 1 декември цената на парното греење во Скопје ќе се зголеми за 5,9 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Зголемувањето се однесува на најголемиот систем за топлинска енергија, кој го управува државната компанија ЕСМ.
Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) - Од 1 декември цената на парното греење во Скопје ќе се зголеми за 5,9 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Зголемувањето се однесува на најголемиот систем за топлинска енергија, кој го управува државната компанија ЕСМ.
-Единствената причина за зголемувањето е потребата да се инвестира во дистрибутивната мрежа, која е изградена во 60-тите години од минатиот век и со децении не е обновувана, истакна Бислимоски.
Според него, во изминатите години мрежата имала повеќе сопственици, што резултирало со минимални вложувања, а тоа довело до голем број поплаки од граѓаните во текот на оваа грејна сезона.
РКЕ донесе одлука за зголемување на цените и кај другите системи, ЕСМ Енергетика зголемување од 7 отсто и Скопје Север зголемување од 7,7 проценти. Најголемиот систем снабдува околу 62.063 потрошувачи, додека во Железара има околу 1.900, а во Скопје Север околу 450 потрошувачи.
-Она што го побаравме и од ЕСМ е во наредниот период системот во Железара полека да се спојува со градскиот систем, бидејќи нема логика на една иста компанија да определуваме две различни цени. Во наредниот период, исто така, и во мрежата во Скопје Север се очекува да се приклучат повеќе основни училишта, како и гинекологијата во Чаир, истакна Бислимоски.
Тој најави дека во наредниот период ќе се спроведат активности за модернизација на мрежата, вклучувајќи длабинско скенирање на проблематичните делови. Според Бислимоски, во октомври биле регистрирани 22.562 рекламации на топлинскиот систем, а во ноември бројот се намалил на 4.854, што е четирикратно подобрување.
-Очекуваме бројот на поплаки да се намалува веќе во декември, а по завршувањето на грејната сезона да започнат поголеми инвестиции, додаде претседателот на РКЕ.
Бислимоски апелираше до граѓаните за разбирање, дека во мрежата долги години не е инвестирани и дека сега од како со неа управува државна компанија, ситуацијата ќе биде подобра. бк/дма/
Фото: МИА