• петок, 05 декември 2025

Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси

Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси

Скопје, 24 ноември 2025 (МИА) - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации. Новата технологија, како што велат, овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови. На овој начин, Министерството ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.

Новиот систем, како што посочуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.

-Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот, истакна министерката Сања Божиновска.

Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.

Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.вј/са/

Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан