Се проширува и санира локалниот пат до долнореканското село Присојница
- Со забрзана динамика се одвиваат градежните активности на територијата на Општина Маврово и Ростуше, кои опфаќаат санација на локални патишта до неколку села. Ова за МИА го изјави Фикрет Ибраими, советник за односи со јавноста, додавајќи дека во моментов, фокусот на градежните активности е ставен на населеното место Присојница, каде се изведуваат клучни работи за проширување и санација на локалниот пат, кој селото го поврзува со регионалниот пат Дебар-Маврово.
Дебар, 25 декември 2025 (МИА) - Со забрзана динамика се одвиваат градежните активности на територијата на Општина Маврово и Ростуше, кои опфаќаат санација на локални патишта до неколку села. Ова за МИА го изјави Фикрет Ибраими, советник за односи со јавноста, додавајќи дека во моментов, фокусот на градежните активности е ставен на населеното место Присојница, каде се изведуваат клучни работи за проширување и санација на локалниот пат, кој селото го поврзува со регионалниот пат Дебар-Маврово.
-Овој инфраструктурен зафат е од огромно значење за жителите на Присојница, бидејќи со проширувањето на тесните грла и санирањето на оштетените делови, значително ќе се подобрат безбедноста и протокот на сообраќајот. Проектот опфаќа ископ, проширување на подлогата и подготовка за целосна санација и рехабилитација на патната делница, додаде тој.
Деновиве ваква активност е реализирана во селото Требиште, па ќе се продолжи со патиштата до неколку други села.
Повереникот на надлежностите за градоначалник на општината, Онер Јакупоски, кој извршил увид во работните активности, истакнал дека ова е само дел од поширокиот план за модернизација на инфраструктурата во сите делови на општината.
-Нашиот план е јасен – непрекината работа на терен додека не ги подобриме условите во секое маало. Времето за работа го користиме максимално. Присојница е само една од точките каде што интервенираме, а мојата порака до граѓаните е дека ќе се гради и работи во сите населени места, без исклучок. Секој жител заслужува безбеден пат до својот дом, порачал Јакупоски.
Според Ибраими, локалната власт продолжува со мониторинг на сите активни градилишта за да се осигура дека работите се изведуваат квалитетно и во предвидените рокови. вт/вј/
Фото: општинска прес-служба