Салам ја претстави новата Влада на Либан и вети реформи
- Новоименуваниот либански премиер Наваф Салам денеска во Бејрут ја претстави новата Влада, ветувајќи дека ќе се фокусира на реформите и на справувањето со економската криза

Бејрут, 8 февруари 2025 (МИА) – Новоименуваниот либански премиер Наваф Салам денеска во Бејрут ја претстави новата Влада, ветувајќи дека ќе се фокусира на реформите и на справувањето со економската криза.
- Реформите се единствениот начин да се спаси земјата. Новата влада ќе спроведе економски реформи кои ќе ја доближат земјата до пристап до средства за реконструкција и инвестиции по минатогодишната разорна војна помеѓу Хезболах и Израел, наведе Салам, додавајќи оти тоа „не е само ветување, туку наша посветеност“.
Тој во својот говор нагласи дека Либан ќе ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, со која во 2006 година заврши конфликтот помеѓу Израел и Хезболах, според која либанската армија и мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) треба да бидат распоредени на јужната граница на Либан, која граничи со северен Израел, за да дејствуваат како тампон меѓу борците на Хезболах и израелските сили.
Салам посочи и дека новата Влада „ќе се обиде да ја врати довербата“ меѓу либанските власти и населението, нејзините арапски соседи и меѓународната заедница.
Новата Влада со 24 министри, составена е главно од експерти и технократи. Не ги вклучува членовите на шиитското движење Хезболах, поддржано од Иран, ниту неговиот сојузник, движењето Амал. Во Владата подеднакво се застапени христијаните и муслиманите сунити и шиити, а вклучува и пет жени.
Повеќе од две години, Либан беше управуван од преодна влада, предводена од Наџиб Микати.
Салам беше на различни позиции во структурите на ОН, вклучително и претседател на Меѓународниот суд на правдата и претседател на Советот за безбедност на ОН, а за премиер на Либан беше избран минатиот месец на предлог на либанскиот претседател Жозеф Аун, кој беше избран на 9 јануари по двегодишен претседателски вакуум. Изборот на Аун, кој е поддржан од САД и Саудиска Арабија, одразува промена на рамнотежата на моќта во Бејрут. ми/
фото: ЕПА