САД: Вработени во четири разузнавачки агенции, освен ЦИА, добиле и понуди за отпремнина
- Администрацијата на САД испратила понуди за отпремнина на вработени во најмалку четири американски разузнавачки агенции, покрај ЦИА, како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го намали бројот на вработени во федералните агенции, соопштија портпаролите на тие агенции.

Вашингтон, 6 февруари 2025 (МИА) - Администрацијата на САД испратила понуди за отпремнина на вработени во најмалку четири американски разузнавачки агенции, покрај ЦИА, како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го намали бројот на вработени во федералните агенции, соопштија портпаролите на тие агенции.
Портпаролите рекоа дека станува збор за персонал од Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка агенција, Националната агенција за безбедност, Националната геопросторно-разузнавачка агенција и Националната канцеларија за извидување.
Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во вторникот објави дека нејзиниот персонал добил понуди за отпремнини.
Плановите на Трамп да го намали бројот на вработени во федералните агенции предизвикаа паника кај вработените и јавни протести. Висината на понудената отпремнина, како и детали во врска со отпуштањата, не се познати, јавија американскикте медиуми.
Понудата за отпремнина е дел од широката ревизија на американската влада што ја спроведува администрацијата на Трамп, која досега отпушти стотици државни службеници во обид да ја намали бирократијата и да ги постави лојалистите на клучни позиции.
Белата куќа минатата недела понуди можност за земање платено отсуство до 30 септември за два милиони вработени со полно работно време во федералните агенции.
Во меѓувреме, синдикатите кои ги застапуваат државните службеници поднесоа тужба во обид да го блокираат планот. зш/