• петок, 02 јануари 2026

Ресурсниот центар за општините и Инвестициската мапа меѓу првите резултати од имплементацијата на Националната развојна стратегија

Ресурсниот центар за општините и Инвестициската мапа меѓу првите резултати од имплементацијата на Националната развојна стратегија

Скопје, 12 декември 2025 (МИА) -Националната развојна стратегија 2024 – 2044 (НРС), која беше усвоена од Собранието со широка политичка поддршка на 29 октомври 2024 година станува основен стратешки документ со национален предзнак. Како клучен документ за инклузивен, одржлив и забрзан развој на државата, нејзините цели се компатибилни и усогласени со целите за членство во ЕУ и Целите за одржлив развој. Целта е таа да биде единствена стратегија со национален предзнак и секоја друга стратегија што ќе се носи по области да биде усогласена на НРС.

На денешниот брифинг со новинарите, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев истакна дека ова е прва стратегија од ваков вид која се однесува на период од 20 години, стратешки документ којшто е изгласан во Собрание и е практично закон, и воедно е еден од многу ретките закони коишто се поминати во Парламентот акламативно без оглед на политичката или партиската припадност. Тој подвлече дека оваа стратегија треба да опстои и да се спроведува и при какви било политички или персонални промени.

По нејзиното донесување, додаде Јанушев, во следните неколку месеци се работеше на воспоставување на сите тела и помошни тела и да се стават во функција за отпочнување со нејзина имплементација. Беше формиран Националниот совет како највисоко тело со кое пртетседава претседателот на Владата, брои над 40 членови од сите области во општеството – институции, академската јавност, НВО секторот и бизнис секторот.

- Во самиот зародиш на имплементација на НРС многумина помислуваа дека е ова некој паралелен процес во однос на реформите за ЕУ. Напротив, Стратегија е многу поширок документ, проектирана е за период од 20 години 2024 – 2044, и ги опфаќа буквално сите работи кои се опфатени со Реформската агенда, но и многу повеќе од тоа. Самиот концепт на разработка на НРС, е што врз основа на стратегијата се носи 5-годишна програма, која ние ја донесовме. Работно таа се спроведува преку работните комитети, вели генералниот секретар на Владата.

Досега се одржани 11 работни комитети на одредени важни теми како владеење на правото, инфраструктура, енергетика, дигитализација, безбедност. Потоа од нив произлегуваат проекти, мерки, активности, промена на закони, нови закони … Тие се конципираат, доработуваат, и одат на седница на Националниот совет, а откако ќе поминат таму, одделението при Генералниот секретаријат задолжено за Стратегијата ги подготвува материјалите кои потоа, по поминување на владините процедури, одат на седница на Влада на усвојување. Штом се усвојат на Влада, се подготвува Акциски план со активности и се задолжуваат институциите за нивна реализација.

- Минатата година произлегоа 46 такви заклучоци, и тоа што ме радува е формирањето на Ресурсниот центар за локалните самоуправи, што пред две недели го промовиравме со Министерството за локална самоуправа, а што ќе биде од помош во многу аспекти за самите општини. Тоа е првиот проект кој произлезе од самата стратегија, и првите видливи резултати од Стратегијата, рече Јанушев и најави дека во следните месеци ќе бидат презентирани нови проекти на кои се работи, од кои дел се во завршна фаза.

НРС се спроведува со помош на УНДП кои беа вклучени и во нејзината подготовка, а сите активности може да се следат на веб страницата, која е креирана и е ставена во функција со цел обезбедување транспарентност и отчетност на процесот на имплементација. Таа дава податоци за тоа до каде е дојдено со спроведување на мерките и активности. Јанушев посочува дека моделот не е идеален, но во следниот период ќе се работи на подобрување на приказот на сите параметри во реално време и со реални статистички податоци според естонски искуства.

Втора значајна работа која ја потенцира генералниот секретар на Владата е Инвестициската мапа (Инвестмен мап), која е поставена на веб страницата на НРС нрс.мк (https://nrs.mk/pocetna.nspx), но и на страниците на сите министерства и нуди важни информации за домашните и за странските инвеститори.

- Една од првите држави сме не само во регионот туку и во светот која има изработено ваква мапа за инвестиции која е од огромна помош на не само за странските туку и за домашните инвеститори. На неа се дефинирани 13 инвестициски области во седум сектори кои се најпогодни за инвестирање и по региони дава преглед и нуди информации за кој тип на инвестиции, во кои сфери, обемот на чинење на инвестицијата повратот на вложените средства, рече Јанушев и најави дека оваа инвестициска мапа ќе биде промовирана за почеток во две држави од Европа.

Како еден од поважните проекти на кои работат што Јанушев го спомна е дигитализација на платните налози во правосудниот систем, по примерот на Словенија. Тука е и проектот е – АПОСТИЛ, кој треба да започне да се работи.

Во контекст на тоа кога може да се очекуваат резултати во однос на прашања како што борба со корупција, враќање на довербата во судството, демографска стратегија …, Јанушев подвлече дека како извршна власт реагираат таму каде што можат со измени на закони, но надлежните институции треба да ја сработат својата работа, а клучно е да се лоцира одговорноста оти самата Стратегија ги дава насоките за планиран и одржлив развој на државата. вг/са/

Фото: принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан