• петок, 05 декември 2025

Пулакос од грчката издавачка куќа „Вакхикон“ за МИА: Направен е добар почеток за книжевно запознавање на македонскиот и грчкиот народ

Пулакос од грчката издавачка куќа „Вакхикон“ за МИА: Направен е добар почеток за книжевно запознавање на македонскиот и грчкиот народ

Атина, 23 ноември 2025 (МИА) 

Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Атина

-Се прават напори, се преземаат чекори, направен е добар почеток со преводите на книгите, но имаме пат пред нас, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина Несторас Пулакос од издавачката куќа „Вакхикон“ во однос на македонско-грчката книжевна и литературна соработка.

Конкретната издавачка куќа стои зад преводи на македонски книги на грчки јазик, но и зад книгата со поезија „30 современи грчки автори“ на македонски јазик, што во септември беше промовирана во Скопје и Атина, додека пак викендов, на Саемот на книга на Кипар, ќе биде промовирано грчкото издание на „Единствен матичен број“, романот на македонската авторка Лидија Димковска исто така издаден од „Вакхикон“.

Со Пулакос се сретнавме во малата книжарница во центарот на Атина што го носи името на издавачката куќа и поразговаравме за почетокот на соработката со писатели и поети од нашата земја, за литературното поврзување на двете земји, но и за идните планови.

Издавачката куќа „Вакхикон“ постои од 2012 година и главно објавува грчка и странска литература, поезија, театарски и детски книги, со околу 130 книги годишно, од кои околу 40 отсто се странски преводи, а како што вели Пулакос, генерално е издавачка куќа што не издава комерцијални книги и има „прилично поетски идентитет“.

- Во последните три или четири години почнавме со преводите и тоа е препознаено во грчкиот простор. Тоа е поле што го немавме во претходната деценија. Постоеше, но не во толку голема мера за да се истакнеме. Но, сега издаваме околу 40-45 книги годишно кои се преводи, што е многу голем број, бидејќи за преведената книга потребна е многу голема работа. Не е толку едноставно, објаснува Пулакос.

Меѓу преводите на странски дела се и неколку македонски книги „Резервен живот“ и „Единствен матичен број“ на македонската авторка Лидија Димковска, „Филмски песни“ од Дејан Трајкоски, како „Антологија на млади поети од Северна Македонија“ што воедно е и првата книга од нашата земја објавена од „Вакхикон“.

- Имавме серија книги со млади поети. Во период од четири години, издадовме 55 книги, 55 антологии на сите јазици од Европа. И тоа беше прв пат да стапиме во контакт со литературата во Северна Македонија, вели Пулакос и додава дека преку соработката со македонскиот поетот Ѓоко Здравески, кој воедно го напиша и предговорот, направиле избор на младите поети.

По овој прв контакт со македонската литературата и издадената „Антологија на млади поети од Северна Македонија“, следела и втората соработка, преводот на книгата „Резервен живот“ на Лидија Димковска, во рамките на соработка што издавачката куќа ја има воспоставено да ги објавува поголемиот дел од книгите што ја освоиле Европската награда за литература.

Пулакос вели дека со создавањето на оваа серија и објавените околу 60-70 наградени книги од ЕУ, ја виделе книгата на Димковска добитник на наградата во 2013 година, стапиле во контакт со неа и ја објавиле.

- Овие беа првите контакти. Потоа, од моите патувања, го запознав писателот, поетот, критичарот Дејан Трајкоски, од издавачката куќа „Прозарт“, кој го организира и Балканскиот фестивал на литературата. Така започна соработката со Дејан, минатата година ја објавивме неговата книга, збирка поезија, „Филмски песни“, а потоа соработувавме за да ја објавиме книгата со поезија од грчките автори, вели Пулакос за МИА.

Грчките поети со ентузијазам ја прифатиле поканата нивната поезија да биде преведена на македонски јазик

Книгата со поезија „30 современи грчки автори“ на македонски јазик е издадена од „Прозарт медиа“, објавена со помош на амбасадата на Грција во Скопје и на издавачка куќа „Вакхикон“, а пред два месеци беше промовирана во двете земји.

Со оглед на тоа што не е честа пракса грчката поезија да биде преведена на македонски јазик, грчките поети позитивно и со ентузијазам реагирале на идејата нивната поезија да биде преведена на македонски јазик.

- Сите беа многу ентузијастични и генерално беше проект што, иако започна многу колебливо, помина одлично. Започна колебливо, не затоа што имаше општи противења. Дејан, издавачот, кога му го дадов предлогот, веднаш беше многу позитивен. А се започна со грчката амбасада во Скопје, кога ми рекоа дека сакаат да направат нешто во Скопје со грчка литература. Од сето ова, најдоброто е резултатот. Ова е фантастичен проект. Се стекнавме со добри пријатели. Добивме поддршка, уште поголема поддршка, од нашите автори и нашите писатели, кои гледаат дека една издавачка куќа не само што ги објавува нивните книги на грчки јазик, туку и ги промовира и во други земји, објаснува издавачот и уредник на „Вакхикон“.

Паралелно истакнува дека двете промоции и во Скопје и во Атина помина одлично, со присуство на дел од поетите чии песни се вклучени во книгата.

Грчкото издание на „Единствен матичен број“ на Димковска на Саемот на книга во Република Кипар

Пред околу еден месец беше објавено грчкото издание на „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска, што воедно е втората книга на авторката преведена на грчки јазик од издавачката куќа „Вакхикон“, а преводот од македонски јазик е на Сотирис Минас.

- Книгата ја добив како продолжение на претходната соработка што ја имавме со Лидија. Романот обработува тема што е од македонски интерес, кипарски интерес, а овој пат и британски интерес. Исто така многу ми се допаѓа начинот на кој пишува Лидија, бидејќи и во оваа книга и во претходната, прашањата што ги обработува не се само локални, коментира Пулакос.

Димковска во мај учествуваше на Саемот на книга во Солун, викендов е во Република Кипар каде што ќе го промовира романот, а по Нова година веројатно ќе биде и официјалната промоција на грчкото издание на „Единствен матичен број“ во Атина.

За развој на книжевното пријателство потребно е да се вклучат и други издавачи куќи

Со издавачот поразговаравме и за билатералните книжевни односи, колку двата народи се познаваат кога станува збор за литературата и поезијата.

- Видете, направен е добар почеток, ние објавивме пет книги, а подготвуваме и други. Сите книги што ги објавивме, освен последната на Димковска, имаат поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија. Што значи дека има интерес. Сите книги, сè што досега сме објавиле од Северна Македонија, сите се со поддршка од Министерството. Грчката амбасада го поддржа „Прозарт“ да ја објави антологијата на македонски јазик. Исто како што нашата амбасада го поддржува Дејан Трајкоски, така вашето Министерство нè поддржува нас да ги објавиме книгите. Тоа е добар почеток, нагласува Пулакос.

Во рамките на овие напори за меѓусебно запознавање и приближување, ги споменува и преводите на грчки јазик на книгите на Румена Бужаровска.

- Мислам дека се преземаат чекори. Се прават напори и со книгите на Бужаровска и ние со наши сопствени напори. Но, имаме пат пред нас. Книжевното пријателство меѓу два народа нема да го спасат еден или двајца издавачи, потребни се и други, додава издавачот.

Во однос на идните планови вели дека постојат идеи и предлози за нови соработки со нашата земја, работат на превод на детска книга во рамките на европски проект, но од друга страна изразува жалење што е запрена програмата на Министерството за култура за превод на македонски книги на други јазици и додава дека доколку одново се објави, сигурно ќе издадат уште две и три книги преведени од грчки на македонски јазик. ср/дј

Фото: МИА

Остани поврзан