Промоција на книгата „Модалноста во кривичните законици“ од Марија Пандева
- Книгата „Модалноста во кривичните законици“ (македонско-шпански паралели) од Марија Пандева денеска на пладне ќе биде промовирана во Културно-информативниот центар – Скопје.
Скопје, 17 ноември 2025 (МИА) - Книгата „Модалноста во кривичните законици“ (македонско-шпански паралели) од Марија Пандева денеска на пладне ќе биде промовирана во Културно-информативниот центар – Скопје.
Делото ќе го промовираат Лидија Тантуровска и Мишел Павловски. Издавач е Книгоиздателството „Ми-Ан“.
Книгата „Модалноста во кривичните законици“ (македонско-шпански паралели) од Марија Пандева ја обработува модалноста во македонскиот и во шпанскиот јазик и начините на нејзиното искажување во одделната сфера на општествената комуникација.
- Земениот корпус претставува солиден материјал за да се анализира и да се проучи модалноста на еден дефиниран затворен корпус, во кој, како ретко каде можат да дојдат до израз особено синтаксичките особености на модалните глаголи во состав со да-конструкциите (во македонскиот), односно со инфинитивот (во шпанскиот јазик), со што, впрочем, се продлабочуваат и стилистичките истражувања на законодавно-правниот потстил, односно на административниот функционален стил. Во македонската литература недостигаат дела што го сопоставуваат македонскиот јазик и македонскиот (во овој случај правен) систем со јазици и системи актуелни во европските земји. Пандева, во оваа книга, ги разгледува модалноста и начините за нејзино искажување во македонскиот и во шпанскиот јазик, па оттука се отвораат и прашања за некои граматички конструкции и за нивните еквиваленти, преводливоста на одредени термини и како тие фукционираат во системите на двете земји, се вели во најавата за промоцијата на книгата.
Марија Пандева е родена на 13.9.1994 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршила во Скопје, а понатамошната едукација ја продолжила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2017 година дипломирала на Катедрата за романски јазици на студиската програма Шпански јазик и книжевност, а во 2019 дипломирала и на Катедрата за македонски јазик. Вториот циклус студии го продолжува на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и во 2021 година се здобива со звањето магистер по македонистика со комуникологија. Во 2025 го одбранила својот докторски труд на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на групата Македонистика: применета лингвистика и македонистика. Во периодот од 2018 до 2022 година работела како лектор по македонски јазик МДУ „Ломоносов“ во Москва.
Работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од 2022 година. Преведувач е на пет книги од шпански на македонски јазик. Автор (и коавтор) е на повеќе од 20 научни труда од областа на македонистиката, славистиката и испанистиката објавени во домашни и странски научни списанија и зборници од меѓународни конференции, во земјата и во странство. мд/аа/
Фото: Плакат