Продолжува серијата земјотреси во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос (ДПЛ)
- Земјотрес со јачина од 5 степени беше регистриран кусо по 3 часот по локално време во близина на Санторини, а серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос продолжи и во текот на ноќта, но и претпладнево, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 12 февруари 2025 (МИА) – Земјотрес со јачина од 5 степени беше регистриран кусо по 3 часот по локално време во близина на Санторини, а серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос продолжи и во текот на ноќта, но и претпладнево, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, освен најсилниот земјотрес беа регистрирани и низа потреси со јачина од над 4 степени.
Претпладнево, во период од помалку од еден час, односно од 10.29 часот по локално време до 11.20 часот беа регистрирани девет земјотреси меѓу 3,9 и 4,9 степени, од кои осум беа над 4 степени.
Од почетокот на месецов земјотресите се секојдневие на Санторини, а доста често во помали временски периоди има по неколку силни земјотреси, а досега беа регистрирани вкупно четири од 5 или над 5 степени.
Најсилниот беше во понеделникот со јачина од 5,3 степени, минатата среда имаше земјотрес од 5,2 степени, а во неделата вечерта и рано утрово беа регистрирани по еден земјотрес од 5 степени.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 9 февруари, биле регистрирани над 14.000 земјотреси.
Само во неделата на 9 февруари биле регистрирани над 1.100 земјотреси, од кои 240 над 2,5 степени и 14 над 4 степени. ср/паг/