• сабота, 22 февруари 2025

Премиерот на покраината Баварија за влетувањето на автомобил во демонстранти во Минхен: Најверојатно станува збор за напад

Премиерот на покраината Баварија за влетувањето на автомобил во демонстранти во Минхен: Најверојатно станува збор за напад

Минхен, 13 февруари 2025 (МИА) - Премиерот на покраината Баварија, Маркус Содер во врска со инцидентот во кој возач со автомобил изутрината влета во демонстранти во Минхен, при што се повредени најмалку 28 лица, рече дека најверојатно станува збор за напад.

Содер, кој е на местото каде се случи инцидентот, им кажа на новинарите дека неговите „мисли се со жртвите на нападот“. „Нешто мора да се промени во Германија и тоа брзо“, рече Содер.

Возачот на автомобилот, кој е приведен од органите на редот, е 24-годишен Авганистанец, барател на азил, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, повикувајќи се на полицијата.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман изјави дека 24-годишниот возач и претходно и бил познат на локалната полиција поради неговите врски со злоупотреба на дрога и кражби. 

Полициски припадници се уште се на терен. 

Локалната радио и телевизија Bayerische Rundfunk објави дека во инцидентот биле повредени лица кои учествувале на демонстрации организирани од синдикатот „Верди“.

„Автомобилот удри во поворка демонстранти од „Верди“, изјави портпаролот на синдикатот за магазинот „Шпигел“.

Двајца од повредените се во тешка состојба, јави ДПА.

Весникот „Зидојче цајтунг“ пишува дека едно лице загинало, но полицијата и противпожарната служба се уште официјално не ја потврдиле оваа информација.

Меѓу повредените има и деца, изјави градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер за магазинот „Шпигел“. „Шокиран сум. Моите мисли се со жртвите“, додаде тој.

Во Минхен се зголемени мерките за безбедност, имајќи предвид дека утре почнува Минхенската безбедносна конференција на која ќе учествуваат бројни официјални претставници од целиот свет. рп/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан