Премиер на Шведска во Давос: Нема да прифатиме закани поврзани со Гренланд
- Говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, Кристерсон изјави дека не сака да шпекулира дали НАТО-сојузништвото е неповратно нарушено поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го преземе Гренланд.
Давос, 21 јануари 2026 (МИА) - Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека НАТО нема да прифати уцени по заканите дека САД би можеле да извршат инвазија врз Гренланд, дански автономен остров.
Говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, Кристерсон изјави дека не сака да шпекулира дали НАТО-сојузништвото е неповратно нарушено поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го преземе Гренланд.
Шведска стана членка на НАТО во 2024 година.
Во изјава за медиумите во Давос, Кристерсон нагласи дека европските земји се подготвени да ја зајакнат безбедноста на Гренланд и пошироко во арктичкиот регион.
Во меѓувреме, светските пазари се стабилизираа по остриот пад што уследи по заканите на Трамп за воведување дополнителни царини од 10 проценти за европските земји кои се спротивставуваат на преземањето на Гренланд.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент денеска го осуди, како што рече, „бесот“ и „гневот“ на Европа поради најавите на Трамп за царини.
Бесент ја повика Европската Унија да го почека доаѓањето на Трамп во Давос, изразувајќи уверување дека европските лидери ќе бидат убедени да ги поддржат ставовите на Трамп во врска со Гренланд откако ќе ги слушнат неговите аргументи.
Доаѓањето на Трамп во Швајцарија, сепак, беше одложено поради технички проблеми. По одложување на патувањето, американскиот претседател е во Давос каде што ќе се обрати на Светскиот економски форум и ќе се сретне со светските лидери. Трамп мораше да се врати во САД и да го смени авионот преку ноќ поради „мал проблем so elektronikata“, според официјален претставник на Белата куќа.
Во рамки на форумот во Давос, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси изјави дека палестинското прашање и понатаму е „на врвот на приоритетите“ на Блискиот Исток.
Обраќајќи се на панел-дискусија, Ел-Сиси нагласи дека решавањето на палестинското прашање претставува „суштина на регионалната стабилност и темел за постигнување праведен и сеопфатен мир“.
Египетскиот лидер воедно ги пофали напорите на Трамп за помош во постигнувањето примирје со кое во октомври беше запрена војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. ссм/сд/
фото: ЕПА архива