• сабота, 21 февруари 2026

Пребарана зградата на германскиот Рајхстаг поради аларм за истекување гас

Пребарана зградата на германскиот Рајхстаг поради аларм за истекување гас

Берлин, 19 февруари 2026 (МИА) - Во зградата на германскиот парламент, Рајхстагот, утрово дојде до голема пожарникарска интервенција поради аларм што предупреди за присуство на гас.

80-ина пожарникари со многубројни возила излегоа на терен, но по тричасовно пребарување, беше утврдено дека нема опасност. Интервенцијата заврши малку пред 8 часот, пишува „Билд“.

Алармот се вклучил во зградата на Рајхстагот околу 5 часот утринава.

„Алармот се вклучи во 5.15 часот утрово бидејќи беа откриени мали количества гас“, рече портпаролот додавајќи дека 80 члена на службите за итни случаи, вклучувајќи и специјални единици за деконтаминација, беа испратени во седиштето на парламентот.

Пред зградата беше поставена зона за деконтаминација, а пожарникари во заштитни костими ја пребаруваа внатрешноста за опасни супстанции. Пребарувањето заврши без резултати.

„Бидејќи ништо не беше пронајдено, колегите се повлекоа пред петнаесетина минути“, потврди портпаролот кратко пред 8 часот.

„Можно е да станува збор за некое висококонцентрирано средство за чистење“, одговори тој кога беше прашан за можната причина за активирањето на алармот.

Утринската интервенција на службите за заштита предизвика и ограничувања во сообраќајот и пренасочување на автобуските линии што сообраќаат во близина на зградата на Рајхстагот. сд/рп/

Фото:ЕПА

Остани поврзан