• петок, 13 март 2026

Пратеничката Василевска на состанок на Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ во Монако

Пратеничката Василевска на состанок на Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ во Монако

Скопје, 9 март 2026 (МИА) - Пратеничката Иванка Василевска, во својство на заменик-шефица, денеска и утре учествува на состанокот на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој се одржува во Монако, во рамки на ротирачкото претстедателтсво на оваа членка со Комитетот на министрите на Советот на Европа.

Како што информираат од собраниската прес-служба, според дневниот ред, пратениците ќе ја разгледуваат Нацрт-резолуцијата за насилството и говорот на омраза против политичарите како закана за демократијата, а ќе дебатираат и за промовирањето на демократската безбедност во Европа преку т.н. мека моќ, за демократијата, човековите права и владеењето на правото во Иран, за зајакнувањето на слободата на изразување како императив за консолидација и развој на демократските општества, а ќе се разгледува и продолжението на Резолуцијата за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедноста на европскиот континент, како и продолжението на резолуцијата и препораката за зајакнување на односите меѓу Советот на Европа и Латинска Америка.

Комисијата за политички прашања и демократија има 85 членови, пропорционално распределени меѓу националните делегации. Оваа Комисија се смета за клучен „политички мотор“ на Парламентарното собрание на Советот на Европа, со оглед дека ги оценува барањата за членство до Советот на Европа преку проверка на усогласеноста со демократските принципи, владеењето на правото и човековите права и предлага активности за нивно промовирање, а ја испитува и состојбата на демократијата и функционирањето и развојот на демократските институции во Европа. Исто така, се занимава со геополитички прашања, надворешни односи и партнерства, како што е статусот на Партнер за демократија и иницијативи за зајакнување на демократијата.

Во рамки на Комисијата, ќе се одржи и состанок на Поткомисијата за Западен Балкан, која се фокусира конкретно на политичките случувања, демократските процеси, регионалната соработка, безбедноста, стабилноста и перспективите за интеграција на регионот на Западен Балкан во Европската Унија. фф/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан