• сабота, 16 мај 2026

Почна уписот на првачињата во штипските училишта

Почна уписот на првачињата во штипските училишта

Штип, 5 мај 2026 (МИА) - Во петте штипски Општински основни училишта (ООУ) почна уписот на првачињата. Раководителката на Секторот за образование, ЛЕР и јавни дејности во општина Штип, Снежана Санева вели дека уписот ќе трае до 28 мај и ги повикуваат родителите навреме да ги пријават своите деца. Според најавите, се очекува бројот на запишани ученици да биде сличен како и минатата година. Право на упис имаат децата родени во текот на 2020 година, како и оние родени во јануари 2021 година. Таа истакна  дека реонизацијата донесена во 2025 година останува во сила и мора родителите да ја почитуваат при запишувањето на своите деца. 

-Тој упис ќе трае до крајот на месецот, односно до 28 мај, така што очекувам сите родители, кои имаат дечиња, кои се родени 2020 година или јануари 2021 година, согласно законот да се пријават во училиштата и да ги запишат своите деца. При уписот треба да се почитува реонизацијата на Општината која  беше донесена во 2025 година, таа е официјална, важечка и можат да ја најдат во „Службен гласник“ на Општината - изјави Санева.

Родителите при уписот на своите деца во прво одделение треба да ги донесат потребни документи, за да дечињата навремено се запишат во училиштата.

-При уписот родителите треба да донесат извод од матична книга на родени на детето, личен документ со кој што ќе го потврдат своето родителство или старателство. Треба да се донесе и потврда дека детето ги има примено сите вакцини, кои што се потребни. Потврда дека има извршено стоматолошки преглед и офталмолошки преглед од надлежна здравствена институција и доколку детето има пречки во развојот да се донесе МКФ квалификација со одредено мислење за тоа - рече Санева.

 Според првичните информации на општинските служби и оваа година се очекува да се запишат околу 500 првачиња. вдј/вј/

Фото: МИА  

Остани поврзан