Почна изградбата на паркинг-простор во Долно Којнаре, Кумановско
- Почна изградбата на алтерантивниот паркинг простор во кумановското село Долно Којнаре, соопштија денеска од јавното претпријатие „Пазаришта“ Куманово
Куманово, 27 март 2026 (МИА) - Почна изградбата на алтерантивниот паркинг простор во кумановското село Долно Којнаре, соопштија денеска од јавното претпријатие „Пазаришта“ Куманово. Директорот на претпријатието Суад Зејнулаху, денеска информираше дека во тек е тампонирање на паркинг-просторот во близина на пазарот за стари работи, проект кој се спроведува на барање на месното население од селото, кои се жалеа на сообраќаен метеж.
-Ова е една новина која ја ветувавме и се надеваме дека ќе се заврши најдоцна до почетокот на идната недела. Овој простор ќе го користат посетителите на пазарот за стари работи. Ќе има простор за минимум 300 возила. Планирано е да се тампонира простор од околу 1.200 метри квадратни. Подоцна, истиот простор ќе се користи за авто-пазар-изјави директорот на претпријатието, Суад Зејнулаху.

Тој кажа дека ова е еден од активните пристапи кон финансиско заздравување на претпријатието, преку воведување нови пазарни содржини и подобро управување со постојните ресурси. Еден од главните проекти е отворање авто-пазар во село Долно Којнаре.
- Направивме истражување на пазарот и утврдивме дека постои голем интерес. Куманово е регионален центар кон кој гравитираат и помалите општини. Важно е што ќе ги искористиме постојаните вработени, што значи дополнителен приход, без зголемување на трошоците-вели Зејнулаху.
На автопазарот ќе може да се продаваат возила, мотоцикли, скутери, автоделови. ам/вг/

Фото МИА и општина Куманово