Портпарол на британскиот премиер: Велика Британија ја поддржува независноста на МКС
- Велика Британија ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и не планира да санкционира службеници на таа институција, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер.

Лондон, 7 февруари 2025 (МИА) - Велика Британија ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и не планира да санкционира службеници на таа институција, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер.
„На крајот на краиштата, тоа е прашање на САД. Што се однесува до Велика Британија, ние ја поддржуваме независноста на МКС. Затоа, немаме планови да санкционираме поединечни судски службеници“, рече портпаролот на Стармер, пренесува „Гардијан“.
Тој посочи дека Велика Британија е потписник на Римскиот статут со кој е основан МКС, додека САД не се.
Трамп потпиша уредба за санкционирање на МКС во Хаг поради напади врз САД и нивните сојузници, како што е Израел.
Со таа уредба се воведуваат финансиски и визни санкции против „поединци и членови на нивните семејства кои помагаат во истрагите на МКС во врска со американски државјани или сојузници“, се вели во документот во кој увид имал Си-Ен-Ен. рп/
Фото: МИА архива