Поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу предложи Појасот Газа да се припои кон Турција
- Поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу предложи денеска да се одржи референдум во Појасот Газа за присоединување на палестинската енклава кон Турција, објави турската телевизија Хабертурк.

Анкара, 12 февруари 2025 (МИА) - Поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу предложи денеска да се одржи референдум во Појасот Газа за присоединување на палестинската енклава кон Турција, објави турската телевизија Хабертурк.
Давутоглу, кој сега е претседател на Партијата на иднината, потсети дека палестинските територии биле дел од Отоманската империја.
Тој го даде својот предлог како одговор на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, кој предвидува преселување на Палестинците.
„Она што Трамп навистина го сака е да ги заземе полињата со природен гас на кои имаат право Палестинците. Последната легитимна држава на жителите на Газа беше Отоманската империја. Ние сме легитимна наследничка држава на Отоманската империја. Нека жителите на Газа спроведат референдум и да ја приклучат кон Република Турција како автономен регион додека не се формира палестинска држава“, рече Давутоглу.
„Дали Америка ќе дојде и ќе ја заземе Газа, а ние нема да ги заштитиме луѓето од Газа?, праша Девутоглу. рп/
Фото: ЕПА