Подобрување на водоснабдувањето и намалување на трошоците за струја – цели за поквалитетни услуги од КЈП „Водовод“
- Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска изврши увид во тековните активности за чистење на бунарите во Грдовски Орман, од каде што се обезбедува водата за пиење што ја дистрибуира КЈП „Водовод“ и оствари средби со раководни и стручни служби од кочанското комунално претпријатие.
Кочани, 23 јануари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска изврши увид во тековните активности за чистење на бунарите во Грдовски Орман, од каде што се обезбедува водата за пиење што ја дистрибуира КЈП „Водовод“ и оствари средби со раководни и стручни служби од кочанското комунално претпријатие.
Со чистењето на бунарите се очекува значително подобрување на капацитетот на водоснабдителниот систем, зголемување на протокот на водата, како и поголема севкупна ефикасност на системот. Овие активности се дел од пошироките напори на Општина Кочани за стабилно и квалитетно водоснабдување на граѓаните, се нагласува во соопштението дистрибуирано од локалната самоуправа.

Градоначалникот Грозданов, како што се информира, рекол дека паралелно со тековните зафати се прават и стручни проценки за отворање нови бунари, со цел зголемување на водните капацитети, особено во периоди на зголемена потрошувачка.
– Чистењето на бунарите во Грдовски Орман е неопходен чекор за да обезбедиме подобар и посигурен доток на вода за нашите сограѓани. Истовремено, работиме и на долгорочни решенија – нови бушотини, но и оптимизација на трошокот за електричната енергија што се користи за пумпање на водата од бунарите до Фабриката за вода – цитиран е градоначалникот Грозданов во соопштението.
Тој уште посочил дека месечната сметка на КЈП „Водовод“ за електрична енергија изнесува околу 3 милиони денари, поради што Општината разгледува можности за користење алтернативни извори на енергија, со цел да се намалат трошоците и да се зголеми енергетската ефикасност.

– Нашата цел е одржливо и економично водоснабдување, со помали трошоци за јавното претпријатие и поквалитетна услуга за граѓаните на Кочани – потенцирал Грозданов..
Ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на модернизација и унапредување на водоснабдителната инфраструктура. ис/дма/
фото: Општина Кочани.