Пињо: ЕУ на инаугурацијата на Трамп ќе ја претставува нејзината амбасадорка во САД, а не Мелони
- На денешната инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Европската Унија ќе ја претставува амбасадорката на ЕУ во САД, Јовита Нељупшена, соопшти главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо.

Брисел, 20 јануари 2025 (МИА) – На денешната инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Европската Унија ќе ја претставува амбасадорката на ЕУ во САД, Јовита Нељупшена, соопшти главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо.
Ваквиот одговор Пињо го даде на денешниот редовен прес-брифинг во Еврокомисијата запрашана дали италијанската премиерка Џорџа Мелони „како единствен европски лидер“ кој ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп, ќе ја преставува и ЕУ.
Запрашана дали Мелони пред заминувањето за Вашингтон разговарала со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и дали треба да пренесе некаква порака до Трамп, Пињо изјави дека станува збор за церемонија на која ќе присуствува италијанската премиерка, а не за некаква нејзина средба со новиот американски претседател.
- Тие (Фон дер Лајен и Мелони) разговараа, но не многу јасно дали тоа беше поврзано со посетата. Немаше посебна порака да се пренесе и да се координираат во тој контекст, додаде Пињо.
На прашање дали е договорена средба меѓу Фон дер Лајен и Трамп, како што беше претходно најавувано од страна на ЕК, Пињо одговори дека засега не е закажан никаков состанок.
- Има обиди да се договори таков состанок што е можно поскоро, но во моментов немаме конкретен датум за средба, нагласи Пињо. сп/
Фото: Скриншот